среда, февруари 11, 2026
Дома СКОПСКА Нема повеќе пречки за изградба на гаражи на Клиника

Нема повеќе пречки за изградба на гаражи на Клиника

103

Нема повеќе никакви пречки да се градат катни гаражи во кругот на клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Владата, на последната седница, донесе одлука за решавање на проблемот со паркирањето во Клиничкиот центар. Според Владата, со оваа одлука се создава правна основа за потпишување договор меѓу Министерството за здравство и Градот Скопје.

– Се затвораат административните прашања што со децении го попречуваа уредувањето на паркирањето во клиничкиот кампус „Мајка Тереза“. Министерството за здравство во рок од три месеци го заврши процесот на регистрација на парцелите во Катастарот и на изработка на соодветните елаборати, со што се отвора патот за изградба на модерен и функционален паркинг, вклучително и катни гаражи, како и воведување софтверско решение за ефикасно управување – соопшти владиниот портпарол, Венера Азизи.

Од Владата додаваат дека проектот ќе обезбеди подобри услови за пациентите, здравствените работници и за граѓаните што ги користат услугите на кампусот.

Имено, пред една недела се спроведе уривање на модуларната болница во близина на Инфективната клиника. Багерите ја срамнија со земја конструкцијата што ја имаше својата намена во пандемијата со ковид-19, но подоцна беше руинирана, со пропаднати подови и без никаква функција.

На местото на модуларната болница ќе никне една од двете предвидени катни гаражи со кои треба да се реши сообраќајниот хаос во Клиничкиот центар.

И скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, неодамна најави дека Градот до втората половина на 2026 година ќе започне со градење на првата катна гаража во Клиничкиот центар, со цел трајно решавање на проблемот со паркирањето во оваа зона. Тој истакна дека новата катна гаража значително ќе го олесни паркирањето како за вработените така и за сите граѓани што секојдневно го посетуваат Клиничкиот центар поради здравствени потреби.

Во кругот на Клиничкиот центар ќе се градат две катни гаражи, кои ќе ги изведува Град Скопје. Ѓорѓиевски истакна дека во нив ќе се обезбедат околу 500 нови паркинг-места, со што, конечно, ќе му се стави крај на долгогодишниот хаос со паркирањето во и околу Клиничкиот центар.

Министерот за здравство, Азир Алиу, пак, најави дека до мај годинава         Клиничкиот центар во Скопје ќе добие целосно нов паркинг, со смарт-инфраструктура и со катна гаража. Тој појасни дека досега реализацијата била закочена поради административни проблеми поврзани со инфраструктурата на паркингот, но дека се надминати тие пречки и дека проектот влегува во завршна фаза.

Имено, земјиштето на паркинг-просторот ќе се запише во сопственост на Република Македонија, со што се отстранува административната пречка за потпишување договор со ЈП „Градски паркинг – Скопје“. Со овој договор ќе се овозможат модернизација и значително зголемување на капацитетите за паркирање, но и воспоставување ред.

– Предвидуваме комплетен мониторинг на паркирањето, информативни табли и дигитален водич што ќе ги насочува граѓаните. Целта што ќе ја постигнеме ќе биде пациентите и вработените да имаат функционален, безбеден и организиран пристап до комплексот клиники – најави Алиу.

(А. П.)  Фото: (П. С.)

ИЗДВОЕНИ