Уставниот суд на Романија ја отфрли жалбата на лидерот на крајнодесничарската партија Алијанса за обединување на Романците (АУР), Ѓорѓе Симион, со која се бараше поништување на резултатите од вториот круг на претседателските избори во земјата, соопшти агенцијата Аџерпрес.
Симион го загуби вториот круг во неделата од независниот кандидат и градоначалник на Букурешт, Никушор Дан.
– На седницата на 22 мај 2025 година, Уставниот суд, во рамките на своите овластувања (…), го разгледа барањето за поништување на (резултатите) од изборите за претседател на Романија на вториот круг од гласањето на 18 мај 2025 година, поднесено од г-дин Ѓорѓе-Николае Симион. По дискусиите, Уставниот суд едногласно го отфрли барањето за поништување на (резултатите) од изборите како неосновано. Одлуката е конечна, соопшти Централното изборно биро на Романија во соопштение за медиумите.
Судот денеска ќе ги потврди изборните резултати, а на церемонијата на верификацијата ќе присуствува и Дан.
Жалбата на Ѓорѓе Симион, со која тој го оспорува резултатот од вториот круг на претседателските избори, беше регистрирана вчера во Уставниот суд.
Симион претходно неделава изјави дека планира да поднесе барање до Уставниот суд за поништување на изборните резултати поради „надворешно мешање“ во изборниот процес.
Пресврт во Романија: Градоначалникот на Букурешт води пред „романскиот Трамп“
Претседателските избори во Романија месецов беа повторени, откако Уставниот суд го поништи минатогодишното гласање поради сомнежи за руско мешање во полза на победникот во првиот круг во ноември – крајнодесничарскиот независен кандидат Калин Георгеску, и нареди целиот изборен процес да почне од почеток.
Независниот претседателски кандидат на Романија, Никушор Дан, во неделата победи на претседателските избори со 53,60 проценти од гласовите. Неговиот противник Ѓорѓе Симион доби поддршка од 46,40 проценти од гласачите.