Три илјади на три мина, останаа два патрона еден за теб втори за мен. Си извади револвера па го стрела Јуз-башија и на крајот сам се убил. Живот даде Леонида за Македонија мила.

Голем број на гевгеличани оваа сабота се собраа во манастирот „Свети Спас“ каде што се одржа панихида во спомен на 120 годишнината од големата жртва на гевгелискиот војвода Леонид Јанков. На 2 септември 1905 година во нерамна борба со турскиот аскер во месноста „Ѓуров дол„, Ѓавачко, загина храбриот војвода. Неговата борба и саможртва е само еден од бројните примери во македонското револуционерно ослободително движење во годините на славната Илинденска епопеја. Во својата беседа на панихидата, отец Љупче Миланов, протоереј на Гевгелиското архиерејско намесништво меѓу другото истакна:

„ Нема поголема жртва од тоа некој човек да ја положи душата своја за доброто на ближниот свој и за својот род. Војводата Леонид Јанков токму тоа го сторил, го положил својот живот за подобро утре на сите нас, македонци. Токму затоа, денешниот ден е спомен за тоа дека слободата не ни е дадена како дар, туку таа е плод на големи жртви и подвизи. Наша света должност е да ги подучуваме сегашните и идните генерации, да си споменуваат на овие жртви и да знаат зошто денеска сите ние може да зборуваме на македонски јазик, слободно да шетаме по оваа наша земја и секаде низ светот, и слободно да кажуваме дека сме македонци.“ Леонид Јанков е роден на 10 март 1878 година во село Мачуково, кое се наоѓа на 4 км од Гевгелија. Османлиската бруталност предизвикала омраза, огорченост и спротивставување и со оружје со цел да се заштити честа и достоинството на селаните. Со формирањето на организационите чети на почетокот на 20. век, многу селани од Мачуково се нашле во четите на Сава Михајлов и Аргир Манасиев, а меѓу нив бил и Леонид. Во текот на 1903 година тој учествувал во востаничката борба во гевгелискиот крај против османлиското ропство. Во текот на 1904 и 1905 година, Леонид заедно со Томе Донев и Миле Таушанов на подрачјето на Богданци развиле голема активност.Но, откако дешифрирале едно писмо упатено од градското раководство до Леонид, турската војска во септември месец 1905 година собрала 3000 луѓе и го опколила просторот околу селото Ѓавато. Леонид со своите востаници бил засолнат во големите капини во месноста Ѓуров Дол. Се развила нерамноправна битка, во која Леонид со итрина успеал да убие многу непријатели но кога му останале само уште два куршума, со едниот го убил јусбашијата а со последниот сам се убил, не дозволувајќи жив да падне во рацете на турците. Тој ден сите камбани во Гевгелија биеле и целиот град татнел од нивниот

звук. Повеќе од 3000 души од градот и околните села биле собрани на неговиот закоп, кој се извршил во дворот на гробиштата на црквата Свети Спас, во северната страна. За јуначките дела на Леонид Јанков, за неговата бестрашност и итрина, народот во гевгелиско испеал повеќе песни од која најпознатата е „Трба, Трби Гевгелија“.

Сто и дваесет години подоцна, на гробиштата на манастирската црква , потомците на овој смел војвода, по одржаната панихида запалија свеќи за помен на неговата душа. Тие посакаа во иднина обележувањето на споменот за војводата Леонид Јанков да прерасне во што помасовен настан. Овој ден, велат граѓаните, треба да прерасне во едно целосно семакедонско зближување, затоа што само така ќе им го пренесеме на идните генерации споменот за тоа кој, како и колку се вложил во сегашната слободна македонска држава. Нека биде ова наш аманет и секогаш да се гордееме со хероите кои паднале за македонската слобода, а уште повеќе со оние кои заминале со чинот на саможртва. Нека ти е вечна слава војводо Леониде! (Љ.А)

ИЗДВОЕНИ