Нема отстапување во вредностите по однос на радијација во мострите што се земени за анализа од воздух и почва, а не се регистрирани ниту тешки метали во примероците од вода од засегнатото подрачје по пожарот во Трубарево. Резултатите за радијација во водите и тешки метали од почвата се очекуваат во текот на утрешниот ден, информираат од Институтот за јавно здравје.
Од ИЈЗ додаваат дека во текот на вчерашниот ден испратиле обучен експертски тим од институтот за вонредна контрола во засегнатото подрачје.
„Земени се примероци (мостри) од вода, почва и воздух за испитување на радиоактивност, како и примероци од вода, водовод, бунари, почва за физичко хемиска анализа.
Во текот на денешниот ден, во ИЈЗ добиени се резултати од воздух и почва, од примероците за испитување на јонизирачко зрачење (радијација) и истите се во нормални референти вредности, без отстапување.
Резултатите од мострите од вода за испитување на јонизирачко зрачење, согласно методата по која се испитува ќе бидат достапни во текот на утрешниот ден.
Во примероците (мостри) од вода по однос на физичко хемиската анализа, нема одстапувања во вредностите по однос на тешки метали. Во земените примероци од вода постои единствено индикатор за зголемена содржина на органски материи во подземната вода кои се од друго потекло“.
По однос на примероците земени од почва за присуство на тешки метали, според соопштеното, резултатите согласно методата на испитување ќе бидат достапни во текот на утрешниот ден.