Нема ништо од најавата за укинување на зелениот картон

И покрај тоа што граѓаните се надеваа дека ќе се спасат од обврската пред секое патување надвор од државата да вадат зелен картон, сепак, и ова лето тој останува задолжителен документ за сите што патуваат во странство. Според информациите до кој дојде весникот ВЕЧЕР, сè уште нема никаква промена во однос на зелениот картон и нема најава дека такво нешто ќе се случи за брзо време. Луѓето од осигурителниот бизнис велат дека власта не сака да ја направи оваа промена затоа што ќе се зголеми и цената на регистрацијата на возилата, а тоа не им одговара на граѓаните кои не патуваат во странство. Ако зелениот картон се пресмета во цената на регистрацијата, тие ќе мораат да плаќаат за нешто што не го користат

1381

Неколку години по ред се најавува укинување на зелениот картон и негово интегрирање во полисата за осигурување од автоодговорност, но сè уште нема ништо од тоа. И покрај тоа што граѓаните се надеваа дека ќе се спасат од обврската пред секое патување надвор од државата да вадат зелен картон, сепак и оваа лето тој останува задолжителен документ за сите што патуваат во странство. Според информациите до кој дојде весникот ВЕЧЕР, сè уште нема никаква промена во однос на зелениот картон и нема најава дека такво нешто ќе се случи за брзо време.

– Само во четири земји во Европа има зелен картон. Задолжителното вадење на овој документ пред секое патување во странство е проблем на нашиот концепт на осигурување кој е врзан со зелен картон. Зелениот картон не е инструмент за осигурување и затоа ние сакавме да го споиме со осигурување од автоодговорност, но сè уште нема ништо од тоа. Причината зошто зелениот картон не е споен со задолжителното осигурување на автомобилите е економска. Ако зелениот картон се интегрира со полисата за осигурување од автоодговорност ќе се зголеми нејзината цена, велат извори за весникот ВЕЧЕР.

Луѓето од осигурителниот бизнис велат дека власта не сака да ја направи оваа промена затоа што ќе се зголеми и цената на регистрацијата на возилата, а тоа не им одговара на граѓаните кои не патуваат во странство. Ако зелениот картон се пресмета во цената на регистрацијата, тие ќе мораат да плаќаат за нешто што не го користат. Ова особено ги засега земјоделците и жителите во руралните подрачја, граѓаните со ниски примања, како и луѓето кои автомобилот го користат единствено за локални потреби.

Од друга страна, и на осигурителните компании не им оди во прилог укинувањето на зелениот картон, бидејќи преку негова продажба остваруваат значителен приход. Освен тоа, и брокерите, промоторите и агенциите кои вршат продажба на осигурување исто така имаат корист, бидејќи добиваат провизии од зелениот картон што го наплатуваат од граѓаните.

Зелениот картон сè уште е неопходен документ за влез со моторни возила во која било држава во Европа, како и во соседните Србија, Албанија, Црна Гора, БиХ и Молдавија.

Ставот на Националното биро за осигурување е дека прашањето за спојување на зелениот картон со полисата за осигурување од автомобилска одговорност е доста комплексно и сериозно прашање кое не може да се регулира поединечно и треба да се земат предвид и домашната и меѓународната регулатива.

Од Агенцијата за супервизија на осигурување за весникот ВЕЧЕР велат дека одлуката околу укинување на зелениот картон е статус кво и оти засега нема никакви конкретни одлуки дали и кога ќе се случи оваа промена.

Зелениот картон е меѓународниот документ кој ја потврдува осигурителната покриеност за возилото во странство, е задолжителен за сите возила што патуваат надвор од државните граници.

Во Македонија, годишната цена на зелениот картон за возила до 66 кубика изнесува околу 3.690 денари, додека за возила над 66 кубици за една година е 5.536 денари. За патничко возило до 66 KW месечно се плаќа 1.850 денари, а за возило над 66 KW e 3.075 денари. За влечните и специјалните возила, мотоциклите, приклучни и работни возила цената е 5.536 денари. За товарните возила и автобусите е 17.222 денари.

Во Србија, БиХ, Албанија, Словенија и Грција зелениот картон е веќе интегриран во полисата за автоодговорност, а кај нас, сè додека не се направат промени, граѓаните ќе продолжат да го плаќаат овој дополнителен трошок секогаш кога ќе патуваат надвор од државата со сопствен автомобил.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ