Нема милост за мито во Кина: Погубен поранешен директор

13

Кинеските власти вчера го погубија Баи Тјанхуи, поранешен генерален директор на државната фирма за управување со средства „Чајна Хуаронг Интернешнл Холдингс Лтд.“ Тој беше осуден на смрт за земање мито во вредност од повеќе од 1,1 милијарда јуани, или околу 146 милиони евра.

Погубувањето беше извршено во градот Тјанџин откако беше одобрено од Врховниот народен суд. Драстичната егзекуција, релативно ретка за случаи на корупција кои често завршуваат со доживотен затвор, испраќа силна порака до финансискиот сектор на земјата и е уште еден драматичен потег во неуморната антикорупциска кампања на земјата.

Со судската одлука донесена во мај 2024 година, на Баи му беше изречена смртна казна, доживотно му беа одземени политичките права, наложено е запленување на неговиот личен имот, а сите стекнати нелегални приходи треба да се вратат во државната каса.

Баи поднесе жалба против првостепената пресуда, но Вишиот народен суд во Тјанџин ја одби неговата жалба во февруари тековната година.

По детално разгледување, Врховниот народен суд утврди дека Баи ја злоупотребил својата службена положба во периодот од 2014 до 2018 година, примајќи мито во вкупна вредност од 1,108 милијарди јуани (приближно 157 милиони американски долари).

Врховниот народен суд одлучи дека дејствијата на Баи се карактеризираат со особена тежина и ја потврди пресудата на Вишиот народен суд во Тјанџин, со која се одобрува смртната казна.

На Баи му беше дадена можност да се види со своите блиски пред да биде погубен.

ИЗДВОЕНИ