Нема лек за поранешната НБА-ѕвезда, Делонте Вест. Одамна загуби сè што имаше и заврши на улица како бездомник. Тој дури и не ја искористи помошта што му ја дадоа неколку кошаркарски ѕвезди и познати личности и сега повторно е бездомник. Забележан е на улиците на Вашингтон.
Делонте Вест има богата НБА-кариера зад себе. Тој заработи десетици милиони долари, но неговиот живот тргна во погрешна насока и ги загуби парите одамна.
Пред неколку години, заврши на улица. Кога го виделе неговите поранешни соиграчи и поранешниот сопственик на Далас маверикс, Марк Кјубан, во Тексас, решиле да му помогнат, па му нашле засолниште во Флорида. Сепак, апстиненцијата од дрога и алкохол не било нешто што го посакувал. Набрзо го напуштил лекувањето, тргнал по својот пат и повторно завршил на улица. Тој бил апсен неколку пати поради нарушување на јавниот ред и мир и неколку месеци подоцна, повторно бил забележан на улиците на Вашингтон.
Откако талкал низ САД, 42-годишникот успеал да го најде својот роден град, но работите не се промениле. Вест е во очајна состојба.
Снимката што се појави вреди илјада зборови. Вест е, очигледно, под дејство на наркотици и во друштво од кое нема корист. За жал, неговиот живот е уништен и се чини дека нема враќање назад. Ги пропушти сите шанси, иако на почетокот беше свесен дека брза кон дното.
- Имам ментални проблеми. Ја губам меморијата, понекогаш заборавам дека дури и сум играл кошарка. Така е. Имам деца, чекам нова работа. Луѓето можат да ми помогнат колку што можат, но, како маж морам, да се грижам за моите деца – истакна своевремено тој.
Сепак, децата се далеку од него. Тој повеќе не ги гледа и е во сосема погрешна насока.
Заработи околу 16 милиони долари во текот на својата НБА-кариера. Тој играше за Бостон, Сиетл суперсоникс, Кливленд и за Далас. Кратко играше во Кина за Фуџијан сјунсинг и за Шангај шаркс, но по враќањето во САД во 2015 година, неговиот живот тргна наопаку и од НБА ѕвезда стана просјак и бездомник.
Во текот на своите осум години во најсилната лига во светот, имаше просек од 9,7 поени, 3,6 асистенции и 2,9 скока на натпревар.