Нема казни за терање кампања со државна лимузина, оставено на совеста на функционерите!?

Од вкупно 6.500 возила, во ДКСК пријавени помалку од 2000 – се спремаат црвени таблички за сите

349

Листата на возила што институциите треба да ги пријават е долга, меѓу оние што не го сториле тоа има општини, јавни претпријатија, здравствени установи, подрачни единици, јавни претпријатија… или за вкупно 4.500 службени возила нема податоци за видот, регистрацијата, за возната состојба. Правната празнина во ИЗ е оставена на совеста на раководителите на институциите да изберат дали ќе бидат одговорни или неодговорни во обврската за пријавување на службените возила. 

Законодавецот не предвидел парична санкција во Изборниот законик за институциите што не ги пријавиле државните возила во Регистарот на Комисијата за спречување на корупција по распишување на изборите со цел да не се злоупотребуваат во партиски цели. Од вкупно 6.500 колку што се возат на државна сметка, се пријавиле само 1.916, соопштија од ДКСК. Листата на возила што институциите треба да ги пријават е долга, меѓу оние што не го сториле тоа има општини, јавни претпријатија, здравствени установи, подрачни единици, јавни претпријатија… или за вкупно 4.500 службени возила нема податоци за видот, регистрацијата, за возната состојба.

Правната празнина во ИЗ е оставена на совеста на раководителите на институциите да изберат дали ќе бидат одговорни или неодговорни во обврската за пријавување на службените возила.

Во член 8 од ИЗ, на кој неодамна за весникот ВЕЧЕР се повикаа од ДКСК по прашањето за злоупотреба на државни ресурси за партиски цели во време на кампања, стои дека: „Од денот на донесување на одлуката за распишување на изборите, политичките партии учесници во изборниот процес, потпишуваат Кодекс за фер и демократски избори. Со Кодексот, учесниците во изборниот процес недвосмислено се обврзуваат дека нема да вршат никаков притисок или обид за притисок врз вработените во јавната и државната администрација, во други институции или установи финансирани од државниот Буџет, буџетите на општините и градот Скопје, како и во трговски друштва и претпријатија со државен капитал“.

Конкретно, злоупотребата на службени возила за време на изборна кампања не е предвидена ниту во Законот за спречување на корупција и судир на интереси па излегува дека нема санкции за оние што на „државно“ ќе ја возат Антикорупциска.

Рокот за пријавување на возилата до ДКСК истече на 18 август, нема информација дали ќе поведат прекршочни пријави против раководителите на институциите кои не ги пријавиле државните возила.

На прашањето до Владата дали ќе ги предупредат институциите да ги пријават службените возила во Регистарот на ДКСК, портпаролката Марија Митева рече дека до 15 септември табличките ќе бидат обоени во црвена боја и веќе нема да има  злоупотреби надвор од службените цели.

ДКСК има изработено своја веб-апликација наречена Регистар на возила на државни органи, органи на локалната самоуправа, јавните претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал. Регистарот беше функционален од 2019 година и година подоцна стана дел од Изборниот законик, а со тоа и задолжителен за институциите.

Согласно со Изборниот законик, јавните фондови, јавните претпријатија и сите други правни лица што располагаат со државен капитал, се должни во рок од десет дена од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори да достават до ДКСК податоци за бројот, видот, регистарската таблица и возната состојба на моторните возила со кои располагаат.

Ако институциите постапат спротивно на законот, ДКСК треба да покрене прекршочна постапка во рок од 15 дена од истек на рокот за доставување на податоците. Сепак, поранешни антикорупционери за весникот ВЕЧЕР посочуваат на правната празнина во Изборниот законик, односно, дека не се предвидени прекршочни санкции за непочитување на законските обврски.

Регистарот на возила на ДКСК има за цел да им помогне на медиумите, невладините организации и на граѓаните да ги пребаруваат возилата по институции, но и да пријават сомневање за нивна евентуална злоупотреба. Лесен е за користење и им овозможува на граѓаните да проверат кое возило не смее да биде користено во текот на кампања. Тој содржи информации за видот на автомобилот и неговата регистарска табличка и институцијата на чие име е заведено.

Практиката од минатото покажа дека голем дел од пријавите за злоупотреби на изборниот процес беше токму користењето на возилата за време на кампањата во партиска служба. (П.А.)

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ