Жителите на Ченто бараат итна и трајна интервенција од ЈП „Водовод и канализација“ за, како што велат, конечно да добијат стабилно водоснабдување, какво што им следува како граѓани, додека оние од Автокоманда имаат упатено писмено барање до претпријатието да им се достави вода преку цистерни додека трае дефектот или проблемот, итно да се изврши санација на дефектот и да се воспостави редовно водоснабдување, да бидат навремено и транспарентно информирани за причините и за времетраењето на прекинот.
Од ЈП „Водовод и канализација“ информираа дека во текот на минатиот месец, по пријава од граѓани, екипи на претпријатието излегле на терен и извршиле мерење на притисокот во Општина Гази Баба, поточно во населбата Ченто, на повеќе локации и констатирале дека притисокот на уличните водоводни линии изнесува од 2,2 до 2,5 бари и ги задоволува потребите за вода. При тоа, наведуваат дека внатрешната инсталација на зградите не е во нивна надлежност и доколку е потребно зголемување на притисокот на водата, можно решение е вградување хидрофор (пумпа) по главната водомерна шахта
Жителите на населбата Ченто и жителите на Општина Гази Баба со години се соочуваат со сериозен проблем, кој се повторува: драстично намален притисок на водата во летните месеци, особено во утринските и во вечерните часови, кога потребата за вода е најголема. Водата едвај тече, недоволно дури и за лична хигиена, а да не зборуваме за перење алишта или за миење садови. Семејствата се принудени да ги одложуваат секојдневните обврски, па дури и да прибегнуваат кон алтернативни решенија што не се достојни за урбано живеење во 21 век.
Граѓаните велат дека ова не е обичен технички дефект, туку нарушување на основните услови за достоинствен живот.
– Секоја година ситуацијата се влошува, а реакција од надлежните нема – се жалат тие.
Бараат итна и трајна интервенција од ЈП „Водовод и канализација“, од Град Скопје и Општина Гази Баба за, како што велат, конечно да добијат стабилно водоснабдување, какво што им следува како граѓани. Граѓаните не бараат луксуз, бараат нормални, елементарни услови за живот, она што им следува со самото тоа што редовно плаќаат за услугата снабдување со вода.
На улицата „Маџари“ во Ченто, во зградите со број 28, 30, 32 и 34, вода доаѓа дури на полноќ, реагираат жителите, нагласувајќи дека ваквата состојба е неиздржлива во услови кога температурите надвор достигнуваат и до +40 Целзиусови степени.
– Ова е срамно, во 21 век да немаме вода за основните потреби! – коментираат засегнатите жители.
И жителите на Автокоманда упатиле писмено барање до Општина Гази Баба, до јавното претпријатие „Водовод и канализација“ за итно решавање на проблемот со водоснабдувањето во оваа населба, која, како што велат, повеќе денови е без вода.
– Повеќе денови немаме вода, што директно ги загрозува нашето здравје, нормалното функционирање, хигиената и е спротивно на сите законски обврски за континуирано и безбедно водоснабдување. Овој проблем претставува вонредна ситуација согласно со Законот за водоснабдување и со Законот за заштита и спасување – се наведува во писменото барање за итно решавање на проблемот со водоснабдувањето.
Жителите од Автокоманда бараат: да се достави вода преку цистерни додека трае дефектот или проблемот, итно да се изврши санација на дефектот и да се воспостави редовно водоснабдување, да бидат навремено и транспарентно информирани за причините и за времетраењето на прекинот.
Тие додаваат дека доколку не се реши проблемот во најкраток можен рок, ќе бидат принудени да се обратат до Центарот за управување со кризи (ЦУК) – 195, Државниот инспекторат за животна средина и до јавниот правобранител.
Од ЈП „Водовод и канализација“ информираа дека во текот на минатиот месец, по пријава од граѓани, екипи на претпријатието излегле на терен и извршиле мерење на притисокот во Општина Гази Баба, поточно во населбата Ченто, на повеќе локации и констатирале дека притисокот на уличните водоводни линии изнесува од 2,2 до 2,5 бари и ги задоволува потребите за вода.
При тоа, наведуваат дека внатрешната инсталација на зградите не е во нивна надлежност и доколку е потребно зголемување на притисокот на водата, можно решение е вградување хидрофор (пумпа) по главната водомерна шахта.
Освен во Гази Баба, има намален притисок на вода и во други делови на Скопје. Од „Водовод и канализација“ велат дека најголем проблем со намален притисок има во општините Сарај и Сопиште.
– Најголемо производство на вода оваа година е измерено на 19.6. – 365.000 кубни метри дневно, што се должи на нерационалното користење на водата – децидни се ЈП „Водовод и канализација“.
Но не одговорија во кои скопски општини е најголема потрошувачката на вода, а во кои најмала и на што се должи тоа.
Од ЈП „Водовод и канализација“ додаваат дека во континуитет работат и на решавање на проблемот со дивите приклучоци.
– Со цел да се овозможи снабдување со вода до сите корисници, нашето претпријатие апелира за совесно трошење на водата. Се прават секојдневни контроли и исклучување на несовесните и неконтролирани потрошувачи на вода за пиење – потенцираат од претпријатието.
(А. П.)