Државата има резерви од мазут, нема да има енергетска криза, децидна е министерката за енергетика, Сања Божиновска, на брифингот со новинарите откако беше прашана што ќе се случи по барањето на АД ЕСМ државата да прогласи енергетска криза за да може компанијата да користи околу 11 илјади тони мазут од државните резерви за потребите на термоцентралите 

 

Државата има резерви од мазут, нема да има енергетска криза, децидна е министерката за енергетика, Сања Божиновска, на брифингот со новинарите откако беше прашана што ќе се случи по барањето на АД ЕСМ државата да прогласи енергетска криза за да може компанијата да користи околу 11 илјади тони мазут од државните резерви за потребите на термоцентралите.

– ЕСМ поднесе писмо до Владата и барањето за прогласување кризна состојба ќе се разгледува на владина седница. На Влада ќе дискутираме и јавноста ќе биде информирана. Нема да има никаква криза, за граѓаните тоа нема да значи ништо, бидејќи државата има резерви од мазут. Знаете дека има протести на границата со Грција повеќе 30 дена и поради тоа не може да се набави мазут. Затоа државните резерви ќе го снабдат ЕСМ со мазут. Нема да има никакво влијание на снабдувањето. Постои мазут во државата, ако не го земат од Грција, ќе го земат од резервите – истакна Божиновска, одговарајќи на новинарско прашање.

Министерката очекува до крајот на неделава МЕПСО да го финализира изборот на фирмата што ќе го прави далноводот со Албанија и да го потпише договорот.

– До крајот на неделата ќе биде потпишан договорот. МЕПСО сигурно ќе информира со повеќе детали, но колку што имам сознанија, сè е завршено, се чека само на официјален потпис – рече Божиновска.

Таа информира и дека има нов директор на „Номагас“ и очекува да се забрзаат работите за изградбата на гасниот интерконектор со Грција, а што се однесува до продолжување на гасната цевка кон Србија, Божиновска рече дека е договорено со српската страна за 23 километри од гасоводот заеднички да се настапи во барањето финансии од Светската банка.

– Очекуваме до крајот на 2027 година да биде завршено сè, со цел да може гасот да транзитира од Грција, преку Македонија, во Србија – рече Божиновска.

Што се однесува до поврзувањето на енергетските пазари, таа рече дека е предвидено тоа за 2027 година, а во 2026 година кај ниту една членка на Енергетската заедница нема да има спојување на пазарите.

Божиновска информираше и за годишниот план за 2025 година, кој предвидува инвестиции од околу 1,4 милијарди евра. Таа рече дека за 2026 година до Министерството се пристигнати барања за изградба на енергетски капацитети со вкупно 10.950 мегавати моќност, од кои 1.697 мегавати ветерни централи, 4.758 мегавати фотоволтаици, една гасна централа од 21 мегават и една гасна когенеративна централа. Има барања и за 2.573 мегавати самостојни складишта, како и за 1.405 мегавати интегрирани складишта.

Таа најави дека се разгледува да се продолжи со субвенционирањето на ранливите семејства. Оваа година се субвенционираше по 1.000 денари месечно во текот на една година на сметките за потрошена електрична енергија, а се донесе и одредба со која се забрани ранливите потрошувачи што не плаќаат сметки за струја да не можат да бидат исклучени. За следната година се размислува да се оди со субвенционирање за топлински пумпи или со замена на прозорците.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ