На околу 10 илјади граѓани кај кои се детектирани приливи од странство, Управата за јавни приходи им испратила даночни решенија да ги платат непријавените приходи. Тоа предизвика реакции кај тие што добиле даночно решение бидејќи станува збор за поголеми суми што УЈП бара да се платат. Најголемиот отпор кон оваа мерка доаѓа од Куманово, град кој со децении е познат по големиот број жители ангажирани како логистичка поддршка во воените бази во Авганистан и Ирак.
Имено, овие граѓани со своите девизни приливи ја раздвижуваа локалната економија, а сега велат дека државата ги казнува со тоа што им ги испрати даночни решенија за приходи остварени во изминатите пет години за нивната работа во високоризичните земји. Тие реагираат дека во тие земји платите често пати им биле ослободени од плаќање на локални даноци според договорите со странските работодавачи (најчесто американски компании).
За најавените протести во Куманово велат дека не се само израз на финансиското незадоволство, туку и на чувството на неправда, зашто овие средства со години влегуваа во македонскиот банкарски систем без претходни предупредувања од даночните власти за потребата од нивно пријавување во тековната година.
Граѓаните сметаат дека се оданочуваат за периоди кога практиката била поинаква, а ставот на УЈП е дека обврската за пријавување на светски доход постоела отсекогаш во Законот за данок на личен доход.
Директорката на УЈП, Елена Петрова, појаснува дека не станува збор за нова законска мерка, туку за спроведување на постоен закон кој претходните раководни структури пропуштиле доследно да го применат. Правниците сметаат дека даночниот долг застарува по пет години, што ѝ овозможува на државата легитимно да побарува данок за периодот од 2019 година па наваму, што технички не претставува ретроактивна примена на нов закон, туку задоцнета наплата според важечките прописи.
– Овој потег не е само административна мерка, туку и значаен финансиски импулс, зашто само од првите 2.500 лица се очекува во Буџетот да се слеат околу 1 милион евра. Ова укажува на системски пристап за затворање на „сивите зони“ во оданочувањето на физичките лица кои се даночни резиденти во Македонија – велат од УЈП.
За да се смират тензиите, од УЈП велат дека нема да има двојно оданочување доколку граѓаните докажат дека веќе платиле данок во странство. Земјава има потпишано Меѓународни договори за одбегнување на двојно оданочување со многу земји, но проблемот настанува кај оние работници кои работеле во земји или во зони каде што стапката на данок на доход е 0 % или каде што, поради специфичниот статус на воени контрактори, биле ослободени од давачки кон локалните власти.
Во таков случај, според македонското законодавство, тие се должни да ја платат целосната стапка од 10 % во матичната земја. Ова создава ситуација каде што бруто-платата од странство, која работниците ја сметале за нето, сега подлежи на дополнителни кратења, што драстично ја менува нивната финансиска конструкција за изминатите години.
– Управата за јавни приходи е свесна дека кај дел од граѓаните кои добија известувања во врска со доход остварен од странство се појавуваат чувства на несигурност и загриженост, затоа што, можеби, немале целосни или јасни информации за тоа дека, согласно со закон, имаат обврска да го пријават овој доход, додека други граѓани, сепак, ја исполнувале својата обврска. Но, во целиот процес Управата (УЈП) пристапи целосно транспарентно, со јасни и целосни информации од каде што произлегува законската обврска и објаснувања чекор по чекор како правилно да се поднесе пресметка, да се достави документација и да се изврши уплата на данокот, без стрес и без потреба граѓаните физички да доаѓаат во организационите единици на УЈП – велат од УЈП.
Оттаму појаснуваат дека известувањето до граѓаните е повик за појаснување, проверка и утврдување на фактичката состојба согласно со закон, односно можност да достават докази заради правилно утврдување на даночната обврска.
– Во крајна линија, граѓаните кои сметаат дека нивните права се повредени во даночната постапка која се спроведува сега, имаат можност за користење на редовни правни лекови – јасни се од УЈП.
Во обид да ја зголеми фискалната дисциплина и да обезбеди стабилност на државната каса, УЈП презеде обемна акција за детектирање на непријавени приходи од странство. Заклучно со 30 ноември, институцијата успеала да собере вкупно 3,97 милијарди евра по основ на даноци и придонеси, што претставува значителен пораст во споредба со минатата година.
– Средствата од буџетот се наменети за заеднички потреби на сите граѓани на Македонија, но секој треба да учествува во собирањето на овие средства преку плаќање на даноците согласно со закон – велат од УЈП.
(С. Бл.)












