Во обраќањето пред собраниската Комисија за финансирање и буџет, Јавниот обвинител, Љупчо Коцевски се пожали дека одобрените околу 14,5 милиони евра, ниту одалеку нема да се доволни за работа на обвинителите, а камо ли за реализација на нови проекти, како што е отворање на два нови истражни центри во Битола и Штип, но за одржливост дури и на странски проекти.
– Трошоците на обвинителството по основ на вештачења минатата година значително се зголемија. За предметот Онкологија беа изработени две обемни и скапи вештачења во странство. Трагедијата во Кочани, сите трошоци за анализа на обемниот доказен материјал, за обдукции, за истражни дејствија, за сложени мултиинституционални вештачења – се ова падна на товар на обвинителството. Во најава се уште неколку предмети во кои, поради недостиг на стручни лица од соодветна област во нашата земја, вештачењата ќе треба да се бараат во странство, а странските институции веќе бараат претходни гаранции дека сработеното навремено ќе им биде исплатено – истакна Коцевски и потенцира дека за сите овие активности мора да се предвидуваат пари во домашниот буџет.
Тој рече дека износот на минимумот на средства кој законски е определен за обвинителството е фиксиран на 0,4% од вкупниот државен буџет, а не, како што некој сака да протне од буџетските приходи.
– И повторно и оваа година ни беа доделени само половина од законски предвидените пари. За разлика од лани, кога со ребалансот ни беа скратени средства, сакам да изразам благодарност што барем средствата на обвинителството не се и дополнително скратени. Но, во исто време и да нагласам уште еднаш дека одобрените околу 14,5 милиони евра, и пред и после ребалансот, нема да бидат доволни да се остварат ниту основните фукции на обвинителството. За реализација на обврските од реформската агенда не станува ниту збор – истакна Коцевски.
Тој се пожали и дека со овој буџет не се предвидени пари за дополнителни вработувања, бидејќи од кадровски аспект ситуацијата е лоша, а истакна и дека неможат да се реализираат и обврските за исплата на плати согласно важечкиот Колективен договор за што ќе Обвинителството ќе биде соочено со тужби.
Коцевски побара од пратениците да помогнат да се зголемат средствата од буџетот за Обвинитеството.
– Секој денар вложен во правда не е залуден. Правдата мора да биде врвен приоритет, но не само декларативно, туку тоа треба да се гледа и преку алокацијата на ресурсите. Имаме обврска да укажеме дека без ресурси борбата особено против сложениот криминал, организираниот криминал и корупцијата е нерамноправна – потенцираше Коцевски.