Нема доцнење од 30 дена за породилното, проблемот е кај работодавачите, велат од ФЗО

9

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) ги демантира наводите на СДСМ дека исплатата на породилниот надоместок доцни 30 дена. Ирфан Лимани, директор на Секторот за комуникации на ФЗО, објасни дека исплатата е континуиран процес кој трае во текот на целиот месец, а не се врши истовремено.

Лимани истакна дека не е можно доцнење од 30 дена од страна на Фондот.

„Доколку има доцнење, тоа е поради доцнење на пријава или на исплата на плати кај работодавачот“, посочи Лимани.

Тој појасни дека процесот е поврзан со работодавачот: УЈП доставува информации за платените придонеси до ФЗО дури откако работодавачот ќе исплати плата. Потоа, ФЗО ги обработува податоците, ги доставува до УЈП за подготовка на МПИН, и дури потоа почнува континуираната исплата. Најголем дел од надоместоците се исплаќаат од 10 до 20 во тековниот месец.

Претходно, Елена Радеска од СДСМ обвини дека државата доцни со исплатата на породилните надоместоци, поради што, како што тврди, голем број мајки со новороденчиња остануваат без средства за основни потреби. Според Радеска, породилното се исплаќа со задоцнување од 20 дена, а имало случаи и со повеќе од еден месец. Таа посочи дека дел од мајките се јавувале во Фондот за здравствено осигурување барајќи информации за исплатата, при што добивале одговор дека ваквото доцнење „било во ред“.

ИЗДВОЕНИ