
Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз му се „закани“ на Италијанецот Јаник Синер, да се подготви за следната сезона, по поразот на завршниот АТП-мастерс во Торино. Алкараз прво му честиташе на големиот ривал, а потоа му порача дека следната година нема да му биде лесно во дуелите против него, надевајќи се на нови мега дерби- пресметки меѓу нив.
– Ова беше одлична година за тебе, сега е време за одмор и се надевам дека ќе имаш време да се одмориш и да се подготвиш за следната сезона, бидејќи јас ќе бидам подготвен. Знам дека ќе има уште одлични натпревари меѓу нас, нема да ти биде лесно со мене – изјави Алкараз.
Синер успеа да го совлада Алкараз во финалето во Торино со 2:0 во сетови. Во финалето, кое траеше повеќе од два часа, Синер го контролираше ритамот и во најкритичните моменти покажа мирнотија и прецизност, кои му ја обележуваат сезоната. По драматичниот прв сет решен во тај-брејк, Италијанецот успеа да го задржи високото ниво и во вториот дел од мечот, приврши со 7:6 и 7:5.
Со овој успех, Синер ја продолжи својата неверојатна серија победи во сала. На тврда подлога, сезонава е практично неприкосновен, а неговата победничка низа стигна до импресивни 31 натпревар последователно. Единствен што успеа да го совлада во слични услови во последните повеќе од 40 дуели е Новак Ѓоковиќ, и тоа токму во финалето на тој турнир, во 2023 година.
Со оваа титула, Италијанецот ја зацврсти својата позиција на светската ранг-листа, иако ја завршува годината како втор тенисер во светот. Разликата со Алкараз е значително намалена и сега изнесува само 550 бода, што навестува уште поинтензивна борба за врвот во наредната сезона.
Трофејот во Торино е шести за Синер во тековната сезона и 24. во неговата кариера, што го става меѓу најуспешните активни тенисери.











