До крајот на годинава, Германија нема да издава работни дозволи за лицата од земјите од Западен Балкан. Од германската агенција за вработување информираат дека квотата за издавање германски работни дозволи врз основа на посебната, преференцијална Западнобалканска регулатива која се однесува на работници од Албанија, БиХ, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија, е исполнета.

Според процедурата усвоена во јуни 2024 година, германските работодавци бараат претходно одобрение од агенцијата за вработување, а потоа работниците од Западен Балкан со кои склучиле договор за работа ги добиваат потребните документи во конзуларните претставништва по забрзана постапка, заедно со тој договор и дозвола. Во јуни 2024 година, годишниот контингент на такви работни дозволи беше зголемен на 50.000.

До почетокот на овој месец, квотата е исполнета и други барања за дозволи нема да се примаат. За следната година работодавачите ќе мора да поднесат ново барање, но тоа ново барање можат да го поднесат во текот на овој месец.

Владејачката германска коалиција на демохристијаните (ЦДУ и ЦСУ) и социјалдемократите (СПД) во коалицискиот договор се договори да го преполови бројот од 50.000 бенефицирани барања за работници од Западен Балкан, што главно наиде на критики од здруженијата на работодавци.

На таквиот план особено се спротивстави Германското здружение на хотелиери и угостители (DEHOGA), кое соопшти дека на угостителството сè уште му се потребни мотивирани работници и дека бројот на работни дозволи според Западнобалканската регулатива дури треба да се зголеми и да се прошири и на други земји. DEHOGA наведе и дека загриженоста дека странските работници би можеле да го оптоварат германскиот социјален систем не е оправдана, бидејќи Западнобалканската регулатива подразбира дека работниците доаѓаат со важечки договор за работа што им обезбедува егзистенција.

ИЗДВОЕНИ