Нема да може секој да оди на сезонска работа во Хрватска, а тешко и до работна дозвола за Германија

Европската Унија воведува нов систем на квоти за интеграција на странска работна сила, со што државите членки ќе имаат ограничен број дозволи за вработување на странци. Од квотите и од новата регулатива за ангажирање на странска работна сила ќе зависи колкав ќе биде бројот на Македонци кои ќе одат на сезонска работа во Хрватска. Инаку, во моментов проблем е да се добие и работна дозвола за Германија бидејќи земјата се соочува со сериозен пад на економијата и со затворање компании

175

Во моментов нема нови побарувања за ангажирање на работна сила во Германија, а од наредната сезона ќе биде проблем и за добивање на работни визи за сезонска работа во Хрватска. Европската Унија воведува нов систем на квоти за интеграција на странска работна сила, со што државите членки ќе имаат ограничен број дозволи за вработување на странци. Инаку, секоја година меѓу 15 и 25 илјади Македонци заминуваат сезонски на работа во Хрватска, Грција, Бугарија, Германија и во други земји.

– До крајот на ноември, секоја земја членка на Европската Унија, како што е Хрватска, ќе треба да ја усогласи својата квота со европските правила. Тоа значи дека веќе нема да можат самостојно да одлучуваат колку странски работници ќе примат. Новите европски правила имаат цел да спречат злоупотреби – случаи кога сезонски работници по завршување на ангажманот мигрираат во други земји на ЕУ, што станува сè почеста појава, вели Зоран Кочовски од Агенцијата за посредување при вработување во странство „Коузон“.

Според него, тешко дека следната година повторно ќе имаме 15 илјади Македонци на сезонска работа во Хрватска.

– Колкав ќе биде бројот на македонски сезонски работници во Хрватска ќе зависи од квотите и од регулативата. Ако се воведе и електронски систем на евиденција, тогаш и неформалното, односно работењето на црно, ќе стане минато. Изминатава сезона, најголем број Македонци беа ангажирани во Хрватска. Според нашите податоци, преку 15.680 лица од Македонија биле регистрирани како сезонски работници во оваа земја. Во Грција, според нашите сознанија, ова лето работеле околу 1.400 Македонци, во Бугарија нешто помалку од 800, а во Црна Гора бројот беше значајно намален на околу 350 работници, наведува Кочовски.

Тој вели дека значајно е намалена и потребата од вработување на нова работна сила во Германија, што само по себе повлекува и укинување на работниот престој на голем дел странска работна сила која е присутна во Германија.

– Речиси и да нема нови побарувања за ангажирање на работна сила од Македонија. Оваа ситуација статус кво се должи и на централизираното управување за интеграција на работна сила, кое како програма го има донесено германската влада. Имено, германската влада има склучено договори за прифаќање на странска работна сила со повеќе држави од светот и преку таа форма се пополнува дефицитот на работа сила во секторите каде што има потреба. Досега сите вработувања на Македонците во Германија се реализирале инцидентно т. е. преку приватни контакти или преку нас, како агенции кои имаме свои контакти со работодавци во Германија, изјави Кочовски за весникот ВЕЧЕР.

Посебно треба да се истакне фактот дека германските работодавци стануваат сè попребирливи и бараат работна сила која ќе даде 100 отсто ефикасност во работењето, а не само да се добие работа. Исто така, во последниов период германските работодавачи бараат задолжително познавање на германски јазик.

Покрај традиционалните дестинации, во последно време има пораст на вработувања во Белгија, Франција и во скандинавските земји, главно преку краткорочни или неформални договори. Забележлив е и одливот на македонска работна сила во угостителството на Кипар, што е нов тренд. Исто така, постои перманентна миграција кон Малта и делумно кон Германија и Италија.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ