Претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски, по организацијата на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) за кој оцени дека бил одлично организиран, ги насочи силите кон подготовките за Зимските олимписки игри во Кортина д’Ампецо и во Милано, како и за Летните олимписки игри во Лос Анџелес, во 2032 година. Во интервју за весникот ВЕЧЕР, тој откри за подготовките и за учесниците на овие две олимпијади, како и за новите проекти на МОК во пресрет на најголемите спортски настани во светот.
Изминатава година бевме домаќини на ЕМОФ, настан за кој имаше поделено мислење во јавноста. Некои сметаа дека е одлично организиран, други дека има многу пропусти. Дали сметате дека беше перфектна организацијата или, пак, имавте и пропусти?
– Младинскиот олимписки фестивал (ЕМОФ) беше најголемиот олимписки настан што воопшто се случил во Македонија и најголем настан што го организираше Македонскиот олимписки комитет. Ќе ги искористам зборовите на претседателот на Европскиот олимписки комитет, господинот Спирос Капалос, кој без двоумење го оцени настанот како исклучително добро организиран. Се разбира дека секогаш може подобро, настанот се случуваше кога беше зафатено Скопје од временска непогода, бидејќи една недела беше повеќе од 45 Целзиусови степени, беше во црвена зона и навистина беше претопло. Меѓутоа, и покрај сите тие предизвици, беше постигнат апсолутен рекорд по бројот на спортисти и на ангажирани лица, повеќе од 5.000, Македонија, Скопје и градот Куманово, бидејќи беше град партнер, се покажаа во најдобро светло. Сите што беа тука понесоа добри спомени, поставија многу светски, европски, лични и национални рекорди. Затоа многу сум задоволен од организацијата, бидејќи, за нас, ова беше прв ваков мултиспортски настан. И покрај целото акумулирано знаење од претходно и многубројните кошаркарски првенства, тоа е сосема различно, нешто со многу повеќе барања, нешто што бара висок степен на организација. И самите Олимписки игри имаат највисоко ниво на барања, кои мора да ги испорачате. И на крајот од денот, кога заврши сето тоа, верувам дека, пред сè, сите луѓе во Македонија беа задоволни, бидејќи Скопје стана олимписки град. Кога ќе појдете во Лозана, ќе видите во Олимпискиот музеј дека е вметнато Скопје во редот на олимписките градови и дека повеќе од двесте наши деца станаа олимпијци. Тоа е едно такво богатство што и години, години натаму ќе му носи придобивки на македонскиот спорт.
Во текот на настанот беа испукани многу остри стрели меѓу Вас, Град Скопје и Министерството за спорт за тоа кој колку е одговорен за организацијата на овој настан. Може ли да ни кажете каде лежеше проблемот за затегнатиот однос меѓу овие три институции?
– Знаете, Македонија е малку политизирана средина и ние го живееме тоа време, а Македонскиот олимписки комитет, како организатор, се најде во средина, меѓу два огна. Од една страна, беше локалната власт, а од друга, централната власт, која во предизборие е мотивирана од сопствени причини и се обиде политички да профитира. Најчесто се случува тоа на штета на спортот, но се случи штета и на имиџот на државата. Она што ќе го слушнете како негативен коментар е исклучиво од негативните кујни, а никаде нема да го потврдите доколку го прашате спортското семејство, не само домашното туку и меѓународното, кое директно учествуваше во самиот настан. Неумешно е да коментирам политички ставови, ќе го оставам тоа за нив, а тоа што можам да го кажам јас е дека МОК на свој грб ја изнесе целата организација, која, во принцип, е мегаорганизација. Се отепавме од работа, сите луѓе што беа вклучени го дадоа својот максимум и сите мои честитки одат за нив, бидејќи во тимот што го изработи ова се луѓе што заслужуваат честитки за тоа што го направија.
На почетокот од февруари годинава, почнуваат ЗОИ во Милано и во Кортина д’Ампецо. Со колку спортисти ќе настапи Македонија на овие Олимписки игри и дали е на повидок обезбедување уште некоја норма или, пак, МОК ќе добие неколку вајлд карти?
– На Зимски олимписки игри не се оди со класична вајлд карта. За настап на Зимски олимписки игри мора да имате исполнето квота, која, во принцип, некогаш се преведува како Б-норма, а некогаш како исполнета норма. Едноставно, тоа не е класична вајлд карта. Ние, оваа година, во Кортина д’Ампецо, ќе настапиме со четворица натпреварувачи. Сите четворица се со остварен резултат. Во алпските дисциплини ја имаме Јана Атанасовска, нашата млада и најперспективна скијачка, која со неполни 20 години учествува на светските купови и првенства. Таа е богатство што го имаме како Македонија и во наредните години, како што ќе созрева, ќе постигнува светски резултати. Во секој случај, натпреварувачот мора да има исполнето една од овие норми. Зошто да не биде така и овој пат? Нејзината младост е нешто за што треба да бидеме свесни. Не сакам да ја оптовариме со премногу очекувања. Сепак, се работи за исклучително млад натпреварувач. Меѓутоа, сакам да обрнам внимание на нејзините квалитети и секој што го следи скијањето да знае дека ние имаме вистински талент. Мирко Лазаравски, исто така, е пласиран со доволен број бодови. Исто така, се работи за млад скијач, кој токму сега влегува во својата скијачка зрелост. Toj има 21 година и истото што важи за Јана, важи и за него. За нив, ова ќе биде прво вакво големо натпреварување и се надевам дека нема да биде преголем притисокот. Особено психолошкиот, бидејќи квалитетот што го поседуваат може да донесе еден фантастичен резултат за македонски услови. За нас, не е цел освојувањето медали, сè уште сме далеку од тоа и од големо достигнување во зимските спортови. Но, наша цел се националните и личните рекорди, и тука треба да се пронајдеме. Ставре Јада е ветеран на Олимписките игри. Тој е наш спортист што никогаш не осцилирал во формата, бидејќи е постојан, посветен. Привилегија е што имаме еден таков натпреварувач, кој успеа многу години да ја одржува формата. Мора да бидеме свесни дека не е лесно да бидете во добра форма толку многу во ваквиот вид спортови, кои бараат многу жртвување. Немам никаква „комерција“ зад нив и затоа мора да им честитаме за сите тие спортисти. Неодамна ни се приклучи и Ана Цветановска, која успеа на последното натпреварување да обезбеди резултат што ја води на Олимпските игри. Со неа го заокруживме бројот од четворица спортисти и ќе бидеме делегација што не е така мала, бидејќи има земји што се со помала делегација, не само од регионот и општо, бидејќи, сепак, зимските спортови се скапа привилегија.
Што се однесува до ЛОИ, возевме во рикверц од Токио до Париз. Наместо да имаме подобри резултати, ние бевме полоши. Според Вас, каде лежи проблемот, бидејќи секој олимписки циклус имаме десетина стипендисти на МОК, но медалите изостануваат?
– Да се освои медал на Олимписки игри е исклучително комплексен, тежок пат. Ако Македонија, пред Токио, за повеќе од дваесет години имаше освоено само еден медал, бронзен во Сиднеј, во борење, може да пресметате колку години имаше пост од 2000 година до 2021 година. Дваесет години се чекаше за следниот медал. Тоа не е едноставен процес, туку многу комплексен. Искрено се надевам дека нема да чекаме дваесет години до третиот медал и дека ќе се случи тоа многу брзо. Со многу малку спортска среќа, можеше да се случи и во Париз. Нашата таеквондистка Мила Рељиќ успеа да ја елиминира првата фаворитка и актуелна олимписка шампионка и да си го отвори патот кон финалето и освојувањето на медалот, но загуби во една исклучително израмнета борба и тоа оневозможи повторно да имаме медал. Тоа не нè обесхрабрува, бидејќи некогаш спортската среќа ќе ве помилува, некогаш не, битно е да сте тука, да сте на чекор. Ние имавме и борачи што, исто така, имаа шанса за медал, бидејќи беа доста конкурентни на Олимписките игри. Се надевам дека оваа година, на Медитеранските игри ќе ги селектираме новите сили за Лос Анџелес и во борење, и во таеквондо и во другите спортови. Имаме одбрано една многу квалитетна екипа на олимписки стипендисти. Секој од нив е потенцијален остварувач на норма, а штом се оствари нормата, шансата за освојување медал е пред вас. Искрено верувам дека ќе одиме во Лос Анџелес со најмалку четири норми и дека повторно ќе се вратиме со медал.

За следните Олимписки игри во Лос Анџелес веќе имаме деветмина стипендисти на МОК. Во кого од нив гледате освојувач на медал?
– Сите се конкурентни, тоа е многу важно. Ако зборуваме дека имаме суперквалитетни таленти и докажани спортисти, сите се конкурентни во својата категорија. За Лос Анџелес не може да зборуваме дека сите ќе бидат претенденти за резултат, бидејќи таму има и спортисти што се секогаш на Олимписките игри, а ние сме далеку. Никола Ѓуретановиќ ни е стипендист во пливање, кој е многу млад, кој е апсолутен шампион во Македонија и кој има големи шанси, но доколку се обидеме да го ставиме во светски рамки, илузорно е да очекуваме медал од него. Ќе се вратам назад, некогаш целите што ги поставувате е да го подигнете спортот за едно скалило. Ако успееме со нашиве стипендисти во овој циклус да ги покачиме сите национални рекорди значително, да ги доближиме до светските, да освоиме некоја балканска и европска титула, да успееме да обезбедиме пласман во некое финале на Светско првенство , тогаш целта е исполнета. Патот до медалот мора да биде трасиран со неколку попатни станици. Не може одеднаш, од нигде никаде, да освоите олимписки медал. Морате да го градите спортистот, морате многу да вложувате, да му помогнете да го извлече максимумот од себе и кога ќе се наредат сите коцки, шлагот да дојде токму на Олимписките игри. За Лос Анџелес, мислам во боречките спортови, конкретно во таеквондо и во борење, ќе имаме суперконкурентни спортисти. Се надевам дека листата што ја имаме сега, ќе ја надградиме. Системот сега ни дозволува да направиме промена кај олимписките стипендисти, тука, пред сè, мислам дека браќата Рустемовски може да направат резултат во боксот и нема да биде чудно ако се појават за некое време како олимписки стипендисти. Нема да му ја одземам шансата на ниту еден друг што ќе отскокне во еден момент и ќе направи резултат, веднаш ќе го прифатиме да биде во олимпискиот тим. Јас и целиот тим со кој работам ќе инсистираме на нови спортови. Три на три баскетот полека да го добие своето место во овој регион, бидејќи овој регион дал олимписки шампиони во еден спорт што бил присутен тука секогаш и ни е близок. Ќе завршам со Дарио, ние го имаме него. Тој е навистина македонски бисер кога се маратонските трки во прашање. Ако некогаш сме посакувале да имаме маратонец на Олимписките игри, сега го имаме него, кој не е само учесник. На Скопскиот маратон видовме дека ги остави зад себе сите оние Кенијци, кои со години наназад беа неприкосновени на маратонот. Дарио моментно ги постигнува своите најдобри времиња и може да постигне резултат за почит во европски рамки. Комплетно го вклучивме и научниот сегмент, научната лабораторија што ја има МОК. Интензивно почнавме да работиме со олимписките стипендисти, да ги следиме, да им додадеме една нишка што ни ја овозможува науката и јас сум оптимист дека во Лос Анџелес, Македонија ќе ги забележи своите најдобри резултати.
Го споменавте баскетот три на три. МОК веќе има проект и работи на ваков тим. Може ли да ни кажете нешто повеќе за тоа?
– Бидејќи моја прва љубов е кошарката, од каде што произлегов како спортист и спортски работник, мислам дека тоа е полето каде што имаме ние неискористени ресурси. И затоа МОК успеа да набави професионална подлога за баскет три на три, кошеви и сè што треба друго. Обезбеди финансиска програма за екипите што ќе настапуваат и низ долгорочен процес од три години, да извадиме оттука една машка екипа, а се надевам и женска, кои ќе бидат конкурентни. Искрено верувам дека ова поднебје има такви таленти. Многу е потешко денес во колективен спорт како што е кошарката да се обезбеди пласман на Олимписките игри. Јас ја имав таа привилегија еднаш, бев претседател на Кошаркарската федерација на Македонија и во предолимпискиот квалификациски турнир, кој се одржа во Венецуела во 2012 година, бевме на сантиметри до Олимписките игри, но спортската среќа сакаше да не се случи тоа и тој сон ни остана неостварен. Меѓутоа, иако не успеавме тогаш, тоа не значи дека треба да се обесхрабриме и да се откажеме. Треба да бидеме свесни дека сме биле многу блиску. Имаме квалитет што може да биде на Олимписките игри и сметам дека ќе се случи патот преку баскетот три на три. Затоа токму овој проект ќе биде еден од приоритетите на Олимпискиот комитет за наредниот период.

Што треба да направиме за да имаме претставник во екипните спортови на едни Олимписки игри? Дали зависи тоа само од успехот штого постигнуваат нашите репрезентации на меѓународните натпреварувања?
– Системот во колективните спортови е многу тежок. Треба да бидете меѓу првите три-четири репрезентации на Светско и на Европско првенство за да изборите настап, бидејќи е мал бројот на земји што учествуваат на Олимписките игри. Тука треба да бидете меѓу првите три во Европа, да бидете светски и европски медалист за да добиете право да учествувате на Олимписките игри. Тоа е многу тешко, но не е невозможно. Нема никому да му ја одземам шансата со резултатите што ги бележиме ние, генерално, сме имале ѕвездени моменти што сме можеле да ги искористиме малку подобро. Тоа што го кажав за кошаркарите, исто е и за ракометарите. И тие беа на предолимписки квалификациски турнир, каде што поради еден несреќен пораз не успеаја да се пласираат на Олимпијадата. Никој нема да ве почети со учество на Олимписките игри доколку сами претходно не се изборите за тоа преку светските и европските првенства.
Можете ли да ни ги кажете плановите на Олимпискиот комитет за 2026 година?
– Оваа година ќе ставиме акцент на спортскиот перформанс, Медитеранските игри во Таранто, кои ќе се одржат на крајот од август и почеток на септември. Очекувам дека Македонија ќе има респектабилна селекција таму, во повеќе спортови. Ќе пратиме селекции од дванаесет спорта. Се трудиме уште отсега да бидеме во блиска корелација со националните федерации за да ги пратиме најдобрите спортисти што ги имаме, бидејќи Медитеранските игри полека го враќаат својот сјај. Медитеранските игри се за дваесет и шест земји што се наоѓаат на тој континент, кој има свој шмек. Некои од тие натпреварувања директно носат бодови за пласман на Олимписките игри, така што тоа ќе ни биде главна цел. Се надевам дека ќе постигнеме добри резултати, да бидам попрецизен – медали. Во некои спортови сакам да видам каде ќе може дополнително да поработиме во наредниот период и да станеме уште поконкурентни до почетокот на Олимписките игри. Така што во 2026 година прв приоритет ќе ни биде спортскиот перформанс, нема да застанеме со вложувањето во инфраструктурата. Не поминало една година да не отвориме некој капацитет. Минатата година стана достапна салата за боречки спортови. Еден фантастичен објект од петстотини квадратни метри со идеални услови за сите боречки услови. Оваа сала е ресурс што ќе работи некомерцијално, бесплатно за спортистите, каде што ќе додадеме квалитетни тренери, домашни и странски, и да имаме стручна работа 24 часа на ден. Спортистите нема да бидат оптоварени дали имаат термин од еден-два часа, едноставно ќе може да имаат тренинзи колку што сметаат дека им е потребно. Но, ќе имаме уште неколку проекти, комплетно ново игралиште за баскет три на три. Овој месец ќе се монтира и симулатор за голф, кој е олимписки спорт, а Македонија е една од малкуте земји што немаат терени за голф. Барем ќе имаме современ симулатор на кој, освен да се тренира, ќе може и да се натпреварува. Голфот дозволува и таков вид натпреварување. Ние ќе продолжиме да вложуваме во спортот и во инфраструктурата и тоа ќе ни биде секојдневие. Без квалитетна инфраструктура, не може да развивате квалитетен спорт.
Славе ТАСЕВСКИ
ФОТО: П. Стојановски












