Тага, осуда, каење, измешани беа емоциите кај присутните за време на судењето за сообраќајната несреќа во која животот го загуби младата Фросина. Кулакови, чие дете и сестра трагично загина од силниот удар на автомобилот, зад чиј волан седеше обвинетиот Васил Јованов, беа облечени во црни маички на кои стоеше натписот Правда за Фросина. Тика беше и момчето на несреќната девојка, Петар Ристов, роднини и пријатели на семејството Кулакови. Судењето почна со задоцнување, па двете семејства, Кулакови и Јованови, беа физички разделени уште пред да влезат во големата судница во Кривичниот суд. Внатре, пак, најблиските кои се и оштетени во постапката седнаа напред во судницата веднаш зад обвинителот, а на семејството на обвинетиот им беше обезбедено место во задниот дел од судницата, одвоен со стакло, од каде што новинарите го следат судењето. Обвинителот Александар Марковски го прочита обвинителниот акт, сообраќајката која се случила на 30 јануари годинава околу полноќ не е само обична сообраќајна несреќа, и не поради медиумската помпа или поради местото на случување кое е собиралиште на млади луѓе, туку поради губењето на младата и талентирана Фросина и поради однесувањето на обвинетиот Јованов, рече во својот воведен збор обвинителот. Судијката Снежана Марковска прочита дека неколкутемина сведоци на несреќата не се присутни на судењето, па уште на самиот старт се навестуваше дека возачот ќе признае вина. Семејството кажа дека ќе побара оштета од обвинетиот во граѓанска постапка. Збор побара мајката на Фросина, Камелија Кулакова. Нејзиниот емотивен говор не ја остави рамнодушна ниту судијката која и се чувствуваше во гласот дека ја совладала тагата која на присутните ја пренесе родителот. „Јас не сум само мајка која го изгубила своето дете јас сум човек со откорната душа, јас сум гласот на Фросина, која не беше само прегазена, таа беше убиена на начин кој човечкиот ум не може да го прифати. Тој, (мислејќи на обвинетиот Јованов) не се обидел ни да запре, не погледнал, не почувствувал, ја фрлил со толкава сила што со главата ја скршила шофершајбната, го извиткала семафорот од другата страна на булеварот. Брзината била бесконечна, иако на црвено требало да биде нула. Ниту еден орган не и беше поштеден, коските и беа искршени, срцето распрскано, градниот кош отворен, и така мојата Фросинче остана таму, без здив. Кој член од законот може да ја регулира, мојата болка кога заспивам и се будам со нејзината слика, мајката на девојчето побара максимална казна за возачот за правда да не се најде ниту еден родител во голготата што ја живее семејството. „Ве молам покажете дека правдата има лице и злосторството да не помине во сенка. Затоа барам правда и максимална казна за животот и човечноста“, заврши мајката со силниот емотивен збор кој предизвика солзи, кај многу од присутните во судницата. И друга мајка плачеше, ама во молк, слушајќи го нејзиниот син како се извинува на семејството на девојчето кое го прегази со голема брзина додека, таа поминувала на пешачкиот премин. Обвинетиот ја призна вината. „Сакам да изразам сочувство на семејството и да се извинам за тоа што го сторив, да судија, виновен сум, никогаш не мислев дека некогаш тоа ќе се случи, низ солзи и со наведната глава зборуваше обвинетиот Јованов. Неговиот бранител, Сашо Дуковски, во изведување на доказите се повика на психијатриското вештачење каде било констатирано дека обвинетиот чувствува каење и вина. Адвокатот рече дека во јавноста се правела лажна слика за него, дека бил зависник, напротив рече Дуковски станува збор за спортист, боксер кој освоил и медали. Одбраната како доказ побара да се гледа снимка на која Јованов веднаш по несреќата вика „Леле што направив“. Додека траеја 30 секунди од видеото, на кое се слушаа пискотници од очевидците на несреќата, таткото на Фросина ги покри ушите со раце да не слуша. Обвинителот му порача на Судот да не ја зема предвид снимката во изрекување на казната за обвинетиот против кој пак во истиот суд се воделе неколку прекршоци. „Иако знаел дека не поседува возачка дозвола, свесно влегол во возилото под дејство на алкохол“, рече обвинителот во завршниот збор
Адвокатот на семејството Кулакови рече дека се придружува на завршниот збор на Обвинителството и побара да му се одреди највисоката казна, која изнесува 20 години затвор. За презентираното видео рече дека од него се гледа дека кон Фросина прво истрчале сведоци, а не обвинетиот. Камелија Кулакова, мајката на Фросина, рече дека доказите кои ги приложи бранителот на обвинетиот не можат и не смеат да влијаат на висината на казната. „Каењето кое сака да го истакне бранителот на обвинетиот го негираа тоа што тој уште следниот ден набавил мобилен телефон во притвор што беше објавено на социјалните мрежи“, рече Камелија Кулакова. Нејзиниот сопруг кој беше гласен на протестите за Фросина во барањето правда рече дека овој случај не е само судење за сообраќајна несреќа, туку судење за нефункционален систем, кој ја доведе неговата ќерка до смрт. „Кога правдата ја губи вредноста, државата ја губи силата. Ние не бараме правда само за Фросина, туку и за некое друго дете да не заврши зад тркала на некој безмилосен возач, кажа во судницата таткото на Фросина.
Во својот завршен збор, обвинетиот Васил Јованов рече дека не знае како ќе живее со товарот што го носи на душата. „Не поминува ден, а да не се молам за душата на Фросина и за здравјето на нејзиното семејство. Ова е нешто што ќе ме прогонува до крајот на мојот живот. Сакам да изразам најдлабоко сочувство до фамилијата и најдлабоко извинување за оние што ја познаваат. Не знам како ќе продолжам со остатокот од мојот живот“, кажа обвинетиот. Неговиот адвокат побара од судијката да ја одреди казната водејќи се од доказите, а не од јавниот линч за Јованов. „Што повеќе да направи Васил по извршената сообраќајка. Беа изречени ноторни лаги дека избегал од местото, па се вратил во 3 часот. Да престанеме со инсинуации, лаги и невистини. Неговиот однос кон стореното се рефлектираше на денешното рочиште. Искрено и длабоко каење ќе го прогонува целиот живот. Мора да се индивидуализира и конкретизира, а не да се бара доживотна казна што не е предвидена за ова кривично дело. Оваа медиумска и политичка хајка со заблагодарување на високи владин функционер имаше цел најмногу да се оцрни Васил. Васил не е убиец”, порача во завршниот збор адвокатот Дуковски. Пресудата е закажана за 13 мај. (П.А.)