Сателитски снимки и странски платформи покажаа енормно загадување на воздухот во Скопје од горењето на депонијата „Дрисла“ и претходните денови од депонијата „Вардариште“. Само државната мерна станица во Лисиче покажа многу мало надминување на ПМ10 честичките, додека за другите супстанции во воздухот немаше никакви податоци.

Додека јавноста и стручната фела реагираат дека загадениот воздух ќе се одрази врз здравјето на луѓето, од државата добивме ветување дека прво депониите ќе се затрупаат со земја, а по изборите сериозно ќе се зафатат со трајно решавање на проблемот. Се вклучи и Обвинителството кое поведе постапки за лицата за кои постојат сомневања дека се предизвикувачи на пожари

 

Дождот не успеа да ги изгасне пожарите на двете депонии „Дрисла“ и „Вардариште“, па чадот што со денови ги труе скопјани сè уште се чувствуваше во воздухот. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, потврди дека има значително чадење од депонијата „Дрисла“, но поради ветерот што дуваше во спротивна насока, како што нагласи, чадот не се чувствувал во околните населби.

Но, поради интензивниот мирис на изгорена гума и пластика, граѓаните мораа да седат дома со затворени прозорци. Дури го немаше и детскиот џагор по улиците. Државниот мониторинг-систем на Министерството за животна средина денеска само објави дека на 10 септември, односно за време на големото загадување од „Дрисла“, имало надминување на ПМ10 честичките само на мерната станица во Лисиче, каде што биле измерени само 53,4 мг/м3 што е надминување од само незначителни 3,4 мг/м3. Немаше никакви информации колку било загадувањето со уште поопасните ПМ2,5 честички. Затоа, пак, платформата „Ај-кју-ер“ објави дека во Лисиче во критичниот период кога гореше „Дрисла“ биле измерени 110 мг/м3, а претходно на 5, 6 и 7 септември, исто така во Лисиче, се измерени над 160 мг/м3, што се должи на горењето на депонијата „Вардариште“.

За алармантно зголемени параметри на загадувачки супстанции во воздухот овие денови реагираа и од „02 Иницијатива“. Тие велат дека над 150 мг/м3 измерени во Лисиче за премиерот Христијан Мицкоски не биле алармантни, иако се седум пати повеќе од дозволените од СЗО 21 мг/м3.

– А тоа што се надишавме и уште дишеме најтоксични и висококанцерогени соединенија деновиве од запален отпад, од поранешни и сегашни депонии, тоа не е ништо, тоа не се смета, затоа што тие параметри не се мерат кај нас  – возвраќаат од „02 Иницијатива“.

Тие го повикаа Мицкоски јавно да каже кои параметри покажуваат дека нема „аларм“ за воздухот што го дишеме деновиве од запалени депонии и отпад?

– Зошто канцерогените и токсични фурани, диоксини, PAHs, VOC, тешки метали и други опасни материи воопшто не се мерат кај нас?, Дали, ако не се мерат – значи дека не постојат?, Што точно е измерено, со која методологија и кога? Научните докази јасно велат: тлеење на стара депонија и горење отпад во урбано подрачје е сериозна закана по здравјето – децидни се од „02 Иницијатива“.

Тие бараат итна и експертска акција, а не релативизирање и негирање на штетните последици по здравјето.

Податоците од европскиот сателит „Сентинел 5“ во последните четири дена покажуваат голема црвена зона над Скопје, особено во јужниот дел, што индицира висока концентрација на опасни загадувачи во атмосферата.

 – Ова црвеново од „Сентинел 5“ веројатно наскоро ќе ги полни клиниките со пациенти од разни сериозни белодробни и секакви други заболувања, а ние ќе продолжиме да си дискутираме за сосема неважни теми –  пишува универзитетскиот професор и географ, Ивица Милевски на „Фејсбук“.  

Тој е разочаран од апатијата и недоволната свест во јавноста за сериозноста на проблемот, кој, според него, се третира како да е „стотици километри далеку“.

– И сè така, додека не заглавиме во нашиот феноменален здравствен систем, а тогаш ќе биде малку доцна за реакција, нели. Епа, на здравје нека ни е… – завршува Милевски со саркастичен заклучок.

„ВАРДАРИШТЕ“ СТАНУВА ЗАБРАНЕТА ЗОНА

Со оглед на сериозноста на состојбата, Владата ја презеде работата во свои раце и ја задолжи Дирекцијата за заштита и спасување да ги затрупа депониите со земја, затоа што гаснењето со вода е неефикасно.

– Тешка механизација работи на затрупувањето на критичниот дел каде чади на депонијата „Дрисла“. Воедно, ангажиран е и „ер-трактор“ на ДЗС, со пена, за да ја ублажи состојбата. По едно специјално возило „хермелин“ е ангажирано и на двете депонии за да истурат вода на местата каде има чадење – истакна Ангелов.

За „Вардариште“ тој истакна дека веќе не гори, ниту чади, но најави дека е ангажирана Агенција за обезбедување која ќе се грижи да нема пристап до депонијата. Тој нагласи дека возило на агенцијата веќе патролира и се грижи за безбедноста и е направен план за детално обезбедување на депонијата.

Ангелов повтори дека постојат сомневања дека и двете депонии се потпалени.

– Поднесена е кривична пријава, а три лица се задржани со мерка притвор бидејќи користеле диви отпади и купувале материјали од лица кои палат кабли и друг вид отпад за понатамошна продажба – наведе тој.

Притоа нагласи дека со овие мерки се дестимулирани сите кои би се обиделе да палат кабли во иднина, бидејќи нема да можат да го продадат отпадот.

Ангелов оцени дека тоа што се случува на „Дрисла“ е резултат на несоодветното менаџирање со управувањето со отпадот и додаде дека е потребен студиозен пристап за решавање на проблемот и со двете депонии.

– Во предизборен период не се започнува со вакви проекти. Владата има намера сериозно да се зафати да го отстрани овој горлив проблем – рече Ангелов.

Тој информираше и за тоа дека се одржала седница на Управувачкиот комитет при Владата, на која е разгледана можноста за прогласување забрана на движење на територијата на „Вардариште“. Но, нагласи дека се соочуваат со формално-правни пречки бидејќи на теренот има дива населба со куќи на припадници на една етничка заедница.

И додека институциите смируваат, граѓаните упорно реагираат бидејќи нивните  животи се загрозени од секојдневното чадење од депониите, кое го загадува воздухот.

Аеродромци продолжуваат со протестите на раскрсницата меѓу булеварите „АСНОМ“ и „Јане Сандански“, поради постојаното палење на „Вардариште“. Тие формираа и Иницијатива „Стоп за Вардариште“ и од надлежните институции бараат: итно преземање мерки за гаснење на активните пожари на депонијата, континуирано обезбедување на локацијата со физичко присуство од страна на МВР и/или припадници на АРМ за спречување нови палења, поставување ограда околу целата депонија, камери, вклучително термални на повеќе точки низ „Вардариште“ кои онлајн ќе бидат јавно достапни за сите граѓани 24/7. Потоа, итно одвојување финансиски средства и од локалните самоуправи и од централната власт за спроведување на сите неопходни активности за санација и затворање на депонијата „Вардариште“, согласно со еколошките стандарди, формирање независна комисија за испитување на причините за палењето и одговорноста, како и целосна реформа на системот на управување со отпад преку воведување концепт нула отпад.

– Сакаме да ги алармираме јавноста и надлежните институции за сериозниот и континуиран проблем со палењето на депонијата „Вардариште“, што резултира со секојдневно загадување на воздухот, почвата и водата во Скопје и околината. Граѓаните кои живеат во близина на депонијата, како и сите жители на градот, се изложени на штетни гасови, чад и канцерогени честички кои се ослободуваат при палењето на отпадот. Медицинските лица постојано предупредуваат јавно за последиците по нашето здравје, особено по здравјето на децата. Овој проблем не е нов, но неговата зачестеност и интензитет во последните месеци достигнаа алармантно ниво – наведуваат од новоформираната иницијатива.

ПРЕДИЗВИКУВАЊЕ ПОЖАР Е КРИВИЧНО ДЕЛО

За дел од големиот број пожари што ја сардисаа Македонија, истражните органи имаат основани сомневања дека се подметнати, односно дека се дело на подметнувачи – пиромани, кои намерно ги предизвикуваат огнените стихии. За едно лице Основното јавно обвинителство – Скопје предложи притвор за предизвикување општа опасност од пожар согласно со член 288, став 1 од Кривичниот законик бидејќи намерно иницирал пожар со кој предизвикал значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од големи размери.

За кривичното дело – Загрозување на животната средина и природата, Основното јавно обвинителство Скопје вчера поднесе обвинителен акт против три лица кои  од 2020 година и до 2 септември 2025 вршеле откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови – отпади, без означена фирма, без да регистрираат правно лице и без да поседуваат соодветна дозвола за вршење дејност управување со отпад – велат од ОЈО.

Според ОЈО, тие вршеле оставање, фрлање и непрописно транспортирање на отпадот, со што создале диви депонии, кои биле констатирани при настанат пожар на дел од локацијата. Со тоа, обвинетите влијаеле врз квалитетот на почвата и воздухот и предизвикале опасност по животот и по здравјето на луѓето. Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд во Скопје достави предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за тројцата обвинети.

Во врска со причините за пожарот на „Вардариште“, ОЈО Скопје издава повеќе наредби со цел откривање на други сторители на кривични дела.

За пожарот на депонијата „Дрисла“, до овој момент, до ОЈО Скопје не е поднесено известување или кривична пријава од надлежните органи. Обвинителството вели дека ја следи состојбата и доколку утврди дека со кривично-правни дејства била загрозена животната средина, ОЈО Скопје веднаш ќе постапи.

И досега МВР приведуваше лица, меѓу кои и тројца малолетници за предизвикување општа опасност по големите пожари во околината на Скопје, но и во останатите делови на државата. Иако човечкиот фактор во предизвикување пожари е на врвот на листата, нема кривична одговорност за тоа. Податоците од Судскиот портал покажуваат дека во изминативе десетина година има донесено само една пресуда за дебарчанец за предизвикување шумски пожар и тоа од страна на судот во Дебар. Во велешкиот суд веќе петта година трае судскиот процес за случајот со пожарот на езеро Младост. Обвинети за пожарот, кој на 26 август 2019 ја зафати околината на велешкото езеро Младост, се двајца работници и една градежна фирма, кои тврдат дека се невини.

Во Кривичниот законик, со член 227 е предвидено кривично дело – предизвикување шумски пожар, но досегашната практика вели дека потпалувачите најчесто се гонат за предизвикување општа опасност, според членот 288. Разликата меѓу двете кривични дела е висината на затворската казна. Така, за предизвикување општа опасност, казната е од шест месеци до пет години, а ако е од небрежност, може да се изрече и парична казна.

До измените на Кривичниот законик во септември 2023 година за кривичното дело од член 227 од КЗ – Предизвикување шумски пожар беше предвидена казна од најмалку осум години, па можеби ова е одговор на прашањето зошто се создала практика пријавите да се поднесувани по друг член, односно по член 288 од КЗ – Предизвикување на општа опасност каде сторителите можат да бидат казнети и поблаго. По измените на КЗ за ова дело е предвидена основна казна до три години, односно, до пет години, зависно од големината на штетата, а само доколку е предизвикана штета од големи размери или ако се предизвикани два или повеќе пожари, казната е минимум четири, односно, минимум пет години.

(А. П. – С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ