Со само неколку десетици или нецели сто освоени гласа на избирачите во некоја од општините на претстојните локални избори, некои политички партии ќе си обезбедат државно финансирање на своите активности од по 50.000 – 60.000 евра во наредните четири години!? Истовремено, за оние што ќе освојат, можеби, и по неколку илјади гласови како независни кандидати во одредена општина, нема да има никакви парични средства. Ваквата апсурдност ќе се повтори и по претстојните локални избори благодарение на сè уште важечки законски одредби во Законот за финансирање на политичките партии, а кои за политичките аналитичари се спорни и бараат преиспитување.
Податоците што може да се најдат на сајтот „Отворени финансии“ покажуваат дека, на пример, на малата партија Родина, лани, од страна на државата ѝ биле исплатени над 60.000 евра. Оваа сума, која ќе ѝ се исплаќа годишно и во наредните четири години, дојде откако оваа партија освои 93 гласа во Општина Берово, на локалните избори во 2021 година. На сличен начин, иста сума државни пари за работа обезбеди и партијата Демократи, која освои 700 гласа во Општина Битола, а што беше нешто над еден процент од излезените избирачи. Толку доби и Македонска ера трета, која беше основана нецела година пред одржувањето на локалните избори, по основ на тоа што освои само 30 гласа на изборите во Општина Новаци. Односно, по 2.000 евра за добиен глас, при што вкупно добиле само 1,4 проценти од запишаните избирачи!? Во групата со исти приходи влегуваат и партиите Твоја и Интегра, на кои лани им биле исплатени по 68.000 евра од државниот буџет, а една година претходно, 60.000 евра за да ги финансираат своите партиски активности. Затоа, со еден советник на последните локални избори и со 200 гласа во Јегуновце со кои го мина прагот од еден процент, партијата Единствена Македонија лани стигна до државен приход од 71.000 евра. Така, минатогодишните исплати покажале дека дури дваесетина партии имале исплати нешто под 10.000 евра, а уште толку до 100.000 евра.
МН: Спорен процент од 1 отсто
Сето ова е сосема легално и законски доколку се следи она што го предвидуваат законските одредби. А тие се недвосмислени. Така, според Законот за финансирање на политичките партии, државата е обврзана секоја година од својот годишен буџет да одвојува 0,15 отсто од своите вкупни изворни приходи. Тие средства секоја година се планираат во буџетот на Министерството за правда, по што секоја година им се делат на партиите. Начинот е следен: 30 проценти од вкупната сума се делат подеднакво на сите политички партии што освоиле најмалку еден отсто од вкупниот број од гласовите на избирачите што гласале на последните одржани избори за пратеници во македонското Собрание, на ниво на целата Република, или на последните одржани локални избори во единицата на локалната самоуправа. Остатокот од 70 проценти им се распоредува на политичките партии чии кандидати се избрани за пратеници во македонското Собрание на последните одржани избори за пратеници, сразмерно на бројот на избраните пратеници и на политичките партии чии кандидати се избрани за советници на последните одржани локални избори, сразмерно на бројот на избраните советници. Во случајот, поак, кога се настапува во каолиција на повеќе партии средствата меѓу нив се делат на еднакви делови, освен ако партиите со предизборен договор поинаку не се договориле.
Вакви законски одредби ќе се применуваат и по претстојните избори и во тој факт, можеби, треба да се бара причината зошто се пријавиле толку голем број учесници на изборите: 312 листи на кандидати за градоначалници и 575 листи на кандидати за советници во општините и во Градот Скопје. Во Македонија, познато е, дејствуваат 66 политички партии, од кои најголемиот дел се појавуваат само кога се распишуваат избори. Причината за тоа, сигурно, треба да се бара и во тоа што се сака добивање на повеќе од еден процент од гласовите на избирачите во одредени општини за да се обезбеди добивање државни пари во наредните четири години. Сето тоа откако во 2019 година политичките партии без дебата, со 101 глас „за“ го сменија Законот за финансирање на политичките партии и се договорија од буџетот на годишно ниво да добиваат 0,15 проценти од вкупните приходи во државната каса. Целта е, како што беше објаснето кога се воведе модел на државно финансирање на политичките партии, да се унапреди политичкиот плурализам, да се обезбеди фер и рамноправна политичка конкуренција. Но, со вакви апсурдни примери од општините, се поставува прашањето дали нормите овозможуваат да се даваат големи пари од граѓаните на партии што немаат реална политичка поддршка и влијание во општеството, туку ги користат лидерите и тесното раководство на таквите мали партии. За политичките аналитичари, законските решенија се нелогични и треба да се променат.
– Процентот од 1 отсто е сосема несоодветен како критериум за некоја политичка партија да почне да добива пари од државниот буџет во наредниве четири години. Ова особено важи кога се во прашање локалните избори на кои се гласа и во општините со сосема мал број запишани избирачи. Потребно е менување на законското решение и наоѓање некој друг параметар врз основа на кој ќе се определи која партија ќе добива пари од граѓаните. Не е спорно тоа дека треба да се поддржуваат и локалните партии, но треба друг критериум за да се утврди нивната релевантност. Но, потребен е друг критериум, а не тој да биде еден отсто од освоените гласови. Модели може да се најдат – вели за ВЕЧЕР аналитичарот Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања.
И независните во нерамноправна положба
Но, не е само ова спорност содржана во важечките законски одредби врз основа на кои ќе се делат државни пари за партиите. Апсурдноста е и во тоа што законските решенија не предвидуваат да им бидат доделувани државни пари на независните кандидати, бидејќи одредбите се однесуваат само на партиите и на коалициите!? Така, на пример, пред четири години, на тогашните локални избори, преку независните листи без избрани шеесетина советници во различни општини, но никој не добил никаков надоместок за својот ангажман во предизборието и потоа во наредните години!? Таква извесност, и по оваа година, ги очекува независните листи и кандидати, а што зборува дека постои нерамноправен третман на учесниците во изборната трка и дека нема збогатување на политичкиот плурализам.
– И тоа е неправда, која треба да се исправи. Апсурдно е, на пример, некоја независна листа во некоја поголема општина да освои две-три илјади гласови и да нема право да добие пари од државниот буџет, а да ги добие некоја партија со триесетина освоени гласови. Ниту една опција што учествува на изборите не треба да биде оштетена. Ваквите постојни законски решенија не соодветствуваат со состојбата на теренот. Има нелогичности што треба да се отстранат – потенцира аналитичарот Божиновски.
Посебно прашање е и тоа што се случува потоа со средствата која државата ги префрлува на политичките партии. Во законските одредби е наведено дека парите треба да се користат за партиските активности и дека партиите имаат обврска во законски рокови да поднесуваат извештаи до институциите за да не им се стопираат исплатите. (Б.Ѓ.)
Иницијатива за промена
Опозициската партија Левица, во април годинава, во македонското Собрание достави предлог за промени во Законот за финансирање на политичките партии со кој државните пари не треба да им се даваат на партиите што на локално ниво освоиле над еден процент од гласовите. Се бара и партиите да не можат да добиваат дополнителни пари за освоените советнички места, како и тоа да не можат да доаѓаат до парите доколку се избрани како кандидати за градоначалници или советници на две или повеќе политички партии.
– Не е оправдано и од политички аспект и создава нееднаквост во политичкото дејствување меѓу малите политички партии и независните граѓански листи, кои се скратени од државното финансирање. Вака поставените необјективни критериуми од еден отсто стимулираат основање фиктивни политички партии не од идеолошки или политички причини, туку заради лесен пристап до државни средства или, пак, лична корист – пишува во иницијативата.
Во сила, според предлогот, требало да останат само законските одредби што предвидуваат 30 проценти од државните пари да им се делат подеднакво на сите политички партии што освоиле најмалку еден отсто од вкупниот број гласови на избирачите што гласале на последните одржани избори за пратеници. Остатокот од 70 проценти, според предлогот, да им се распоредува на политичките партии чии кандидати се избрани за пратеници во Собранието, сразмерно на бројот на избрани пратеници.