Скулпторката Нела Јанковска ја претставува Македонија на 10. Пекиншко меѓународно уметничко биенале, кое ќе трае до 28 јануари, во Пекиншкиот изложбен центар. На изложбата, чија тема е „Соживот“, се претставени приближно 600 современи уметнички дела од речиси 120 земји и региони.
Станува збор за тематски изложби, специјални изложби и изложби фокусирани на земјите, кои се занимаваат со теми како што се мирниот развој и еколошката цивилизација, со цел ефикасно да ги раскажат приказните за Пекинг, Кина и за светот. Изложените дела опфаќаат не само традиционални уметнички форми како сликарство и скулптура туку истакнуваат и категории како што се дигиталната уметност и видеото. Целта на настанот е да се истражат новите концепти во уметничкото творештво, да се стимулира творештвото на уметниците и да се зголеми меѓународната дискурзивна моќ и влијание на современата кинеска уметност.

Нела Јанковска се претставува со делото „Метаверзум конекција“, скулптура изработена од отпадни материјали. Како основа и конструкција на скулптурата е користен метал, а сè друго е пластика и видеолента (полипропилен), кабли и други делови од електронската технологија. Ова дело претставува хармонична коегзистенција на човекот и технологијата. Заедничкиот просперитет на односот човек – машина стана голем предизвик со кој нашата колективна мудрост мора да се соочи денес. Во своите скулптури Јанковска најчесто користи пластика и видеоленти и разни најдени предмети, главно, отпадни материјали од гума и пластика, производи на масовната култура, технологијата и потрошувачкото општество. Со нив таа укажува на светот во кој живееме: преполн со информации, отпад и краткотрајни вредности.
Организацијата на гостувањето на делото на Јанковска беше стручно и логистички помогнато од Ѓорѓи Костовски, кустос историчар во Градскиот музеј Крива Паланка.
Нела Јанковска е родена 1971 година, во Крива Паланка. Во 1994 година дипломирала на ФЛУ Скопје, во класата на професорот Стефан Маневски. Од 1995 е редовен член на ДЛУМ. Има над 30 години активно творечко искуство и има учествувано на повеќе групни изложби, колонии и има реализирано неколку самостојни изложби. Добитник е на наградата за скулптура „Стефан Маневски“ што ја доделува Сојузот на ликовни педагози на Македонија (2005), наградата на ДЛУМ „Јордан Грабул“ (2008) и на годишната награда за скулптура на ДЛУМ (2023), за скулптура „Метаверзум-средба“, која претставува концепти за виртуелни и проширени универзуми и комуникација меѓу световите, како и хуманоидни форми.












