Неколку куќи во селото Рудинци, општина Старо Нагоричане, биле зафатени од пожарот што избувна во петокот навечер, потврди Далибор Трајковски, командир на Територијалната противпожарна единица. Дел од опожарените куќи биле населени, а дел празни. Точниот број на уништени објекти сè уште не е утврден.
Огнената стихија, која се ширела со извонредна брзина, зафатила непристапни терени, како ридови и долови, а во еден момент дури стигнала и до железничката пруга, продолжувајќи кон кратовското село Димонце.
-Интервениравме до три часот по полноќ. Со две противпожарни возила, осум пожарникари и поддршка од мештаните, успеавме да го локализираме пожарот. Ситуацијата беше исклучително сериозна, пламените јазици се движеа со таква брзина што не можеше да се предвиди каде ќе се прошири понатаму – изјави Трајковски.
Поради оштетени електрични столбови и трансформатор, електричната енергија во селото е прекината, како мерка на претпазливост.
Иако пожарот бил изгаснат во петокот, следниот ден повторно се појавил, но на друга локација, што според командирот на пожарникарите упатува на сомневање за намерно подметнување.
Најзначајно е што, според досегашните информации, нема повредени лица. Во текот на наредните денови се очекува теренска проценка и утврдување на точната штета.
-Во моментов нема активни пламени јазици, но на неколку места сè уште има чад и жаришта. Утре ќе излеземе со прецизни податоци“, додаде Трајковски.