
Еден од најтрофејните НБА-тимови, екипата на Лос Анџелес лејкерс, не престанува да приредува изненадувања. Направи бум во текот на летото со потпишувањето на Лука Дончиќ, а сега е подготвен да тргува за стартен центар и има два плана. Првиот е да се продаде еден од играчите, најверојатно Руи Хачимура или Далтон Кнехт за да се доведе Ник Клакстон, Роберт Вилијамс или Вокер Кеслер, а потоа да се искористи остатокот од буџетот за да се платат ветераните како Клинт Капела и Брук Лопез да бидат резервни играчи.
Но, уште поголема „бомба“ од оваа одекна во Градот на Ангелите. Оваа сезона беше турбулентна за нив, а како што стојат работите, сè би можело да биде уште повозбудливо, бидејќи е објавена продажбата на овој голем клуб. Вредноста на тимот се проценува на 10 милијарди долари.
Семејството Бас одлучи да продаде мнозински удел во клубот, објави изворот од НБА, Шамс Чаранија. Исто така е познато кој ќе биде нов сопственик, тоа е Марк Валтер, извршен директор и претседател на холдинг-компанијата „TWG Global“. Како што објави Чаранија, семејството Бас ја проценува вредноста на Лос Анџелес лејкерс на 10 милијарди долари.
Ова ќе биде најпрофитабилната продажба на спортски тим, но се чини дека и покрај новиот сопственик, нема да има многу промени, бидејќи Џини Бас ќе продолжи да ја извршува функцијата гувернер по продажбата.
Семејството Бас нема да биде мнозински сопственик првпат од 1979 година, кога ја купи Џери Бас франшизата од Џек Кент Кук за 67,5 милиони долари. Со години неговите деца работат во овој клуб, а во јавноста често имавме можност да ја видиме Џина Бас, која често зборуваше за Лука Дончиќ и за неговата голема размена.
Новиот сопственик на Лејкерс и претходно имаше удел во овој клуб, тој е малцински сопственик од 2021 година и има удели во разни спортски организации како што се Доџерс (МЛБ), Спаркс (ВНБА), Купот на Били Џин Кинг (тенис), Кадилак тим (Ф1) и женската хокеарска лига.