Некој сакал да го запали Осогово со автомобилски гуми

124

Шумочуварите од ЈП „Национални шуми“, од подружницата Осогово Крива Паланка, вчера попладне, под Царев Врв на Осоговските Планини, на 2.000 метри надморска височина, пронашле и отстраниле триесетина автомобилски гуми и картон подготвени за потпалување и предизвикување пожар.

– Под Царев Врв, во месноста наречена Алтан Врв, место на кое речиси и да нема движење на луѓе, шумочуварите пронајдоа и отстранија повеќе од триесетина нафрлани автомобилски гуми, картон за потпалување, внатрешни гуми, како и суви борови стебла и гранки подготвени за палење и предизвикување пожар на отворен простор. Доколку не спречевме, ќе настанеше пожар, кој ќе се проширеше во блиската шума – информира раководителот на Главниот штаб за управување со кризи и директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Тој ги повика граѓаните, доколку забележат сомнително однесување што укажува на намера за предизвикување пожар надвор од населено место, како што се гуми, штици, дрвени палети, пластични шишиња или туби со течност што наликува на бензин, итно да се јават на бројот 112 или да пријават во најблиската полициска станица или на кој било припадник на полицијата или на друга безбедносна служба.

Состојбата со пожарите до 12:15 часот вчера беше алармантна. На територијата на Македонија имаше 11 пожари на отворено, од кои пет активни. Најсериозно е во Берово, Прилеп, Македонски Брод и во Желино, а високите температури го усложнуваат гаснењето. Два пожара се ставени под контрола, а четири се целосно изгаснати. Огнот зафаќа шуми, ниска вегетација, но и се приближува до населени места, што дополнително ја влошува ситуацијата.

Најкритична е состојбата на истокот и на југозападот од земјава. Во реонот меѓу општините Василево, Радовиш и Берово, на планинските предели Голем Готен и Малешевски Планини, пожарот уништува нискостеблеста шума, смрека и густа ниска вегетација. Се работи за тешко пристапен терен, што го отежнува гаснењето и го зголемува ризикот од негово проширување.

Во Македонски Брод, ситуацијата е драматична на две локации: во селото Грешница, каде што горат мешана шума и трева и во подрачјето меѓу селата Локвица и Крапа, каде што се шири низ деградирана дабова шума и густи грмушки.

Во Прилеп, огнот ги зафаќа шумските масиви кај селото Бешиште, на локалитетот Бешишки Рид, додека во Желино, беснее огнен фронт меѓу селата Церово и Групчин, уништувајќи деградирана шума и нискостеблеста вегетација. Во сите овие случаи, пожарникарите се соочуваат со променлив ветар, високи температури и со тежок пристап, што ја прави интервенцијата ризична и непредвидлива.

Под контрола се ставени пожарите кај Прилеп, меѓу селата Царевиќ и Смолани, во пределот познат како Радобилски Рид, каде што гореше мешана шума, како и во Македонски Брод, кај селото Латово, на локалитетот Маркова Стапалка, каде што гореа грмушеста вегетација и сува трева.

Изгаснати се пожарот во Битола, кај селото Ново Лагово, оној кај тунелите на автопатот Е-75 во Демир Капија, во Куманово, во населбата Средорек и во Дебар, како и кај селото Рајчица, каде што изгоре дел од нискостеблестата шума.

Надлежните апелираат за внимателност, особено во шумските и во руралните предели. Пожарите може лесно да излезат од контрола, а според најавите од синоптичарите, временските услови во наредните денови нема да помогнат: остануваат сувото време и високите температури.

На јавниот повик за ангажирање лица за справување со пожарите се пријавиле помалку од 500 кандидати, во Скопје околу 50.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ