Некој ќе излезе, некој ќе влезе на Илинденска, за ДУИ вратата затворена 

639

За политичките партии викендов беше повеќе од работен, а на агендата саем-отчет, непосредни средби со граѓани и серија партиски прес-конференции, со задолжително меѓусебно препукување на противниците, што е уште еден показател за жешката битка до изборите на есен. Освен меѓусебните напади на градоначалниците и нивното (не)работење, викендов го одбележа и изјавата на премиерот Христијан Мицкоски на саемот на отчет на сите градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, дека веднаш по локалните избори, на кои очекува голема победа, ќе има промени во партијата, како и реконструкција и подобрување на капацитетите на Владата. Додаде дека овие избори нема да бидат вратата на ДУИ за во Владата и дека Македонија ќе им каже „не“ на „СДС и ДУИ“. Од СДСМ возвратија дека локалните избори се шанса за клучни промени на локално ниво да се стави крај на четиригодишното разочарување на ВМРО-ДПМНЕ и дека локалните избори се шанса да се вратат општините во служба на граѓаните. ДУИ, пак, ја обвинија Владата дека „во полн интензитет“ ја спроведува политика за маргинализирање на Албанците и укинување на заштитните механизми од Охридскиот рамковен договор. Во меѓувреме, во партиските штабови привршуваат анкетите за кандидатите за градоначалници, а наголемо се кројат и советничките листи.

 

За политичките партии викендов беше повеќе од работен, а на агендата саем-отчет, непосредни средби со граѓани и серија партиски прес-конференции, со задолжително меѓусебно препукување на противниците, што е уште еден показател за жешката битка до изборите на есен.

Освен меѓусебните напади на градоначалниците и нивното (не)работење, викендов го одбележа и изјавата на премиерот Христијан Мицкоски на саемот на отчет на сите градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, дека веднаш по локалните избори, на кои очекува голема победа, ќе има промени во партијата, како и реконструкција и подобрување на капацитетите на Владата.

– И затоа веднаш по изборите ќе ги отвориме и вратите од партијата за нови смени и за нови луѓе, и во Владата ќе има реконструкција и подобрување на капацитетите. Веќе добро знаеме како може уште посилно и похрабро со зголемени потенцијали. Тоа не значи дека луѓето што ќе се заменат биле лоши или немарни, но на Владата секогаш ѝ е потребен зголемен капацитет, уште посилно темпо за промените што ги правиме. А ние се наоѓаме на патот на промените, на патот на градење промени и прв пат по долго време, на градење заеднички успеси кои ќе донесат подобра иднина и шанса какви што чекаа генерации и генерации млади, истакна Мицкоски. Додаде дека овие избори нема да бидат вратата на ДУИ за во Владата и дека Македонија ќе им каже „не“ на СДС и ДУИ. „Ќе бидам многу јасен и многу прецизен, овие избори нема да бидат вратата на ДУИ во Владата, и интригите и игрите од Зајас и Мала Речица нема да поминат“. Посочи дека кога се зборува за чесност и за одговорност во политиката, мора да се открие и вистината за валканите игри што се подготвуваат зад кулисите.

– Повеќе од јасно е дека ДУИ и СДСМ имаат таен план, но не за народот, туку против народот. Тоа е сценарио мислено и координирано меѓу овие две партии – сценарио за хаос, за политичка магла и за манипулација. Со инфлација од независни кандидатури и фантомски листи сакаат намерно да го урнат изборниот процес, да го збунат гласачот, да ја изиграат демократијата и да ја заматат чистата слика на нивниот историски пораз што доаѓа, кажа Мицкоски.

Од СДСМ организираа последователни прес-конференции на кои возвратија дека локалните избори се шанса за клучни промени на локално ниво и да се стави крај на четиригодишното разочарување на ВМРО-ДПМНЕ и дека локалните избори се шанса да се вратат општините во служба на граѓаните.

– Четири години кои наместо развој и проекти за граѓаните, донесоа само разочарувања, нечисти општини, урбанистички хаос, поскапи цени за граѓаните и бројни скандали со тендери. Општините предводени од ВМРО-ДПМНЕ се претворија во епицентар на тендерски шеми и партиски злоупотреби на народните пари. Најголемиот пример за оваа катастрофална локална власт на ВМРО-ДПМНЕ е токму главниот град Скопје, обвини портпаролка на СДСМ, Богданка Кузеска.

Во меѓувреме, во партиските штабови привршуваат анкетите за кандидатите за градоначалници, а наголемо се кројат и советничките листи. Привршува и процесот на Движење ЗНАМ за Наша Македонија со ВМРО-ДПМНЕ и објавувањето на кандидатот за градоначалник на Центар.

– Многу сме блиску до договор со ВМРО-ДПМНЕ за заемна соработка и поддршка во општините Куманово и Центар. Се разговара и се прават процени за неколку други помали општини на територијата на државата, изјави портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов.

Потпретседателот на ДУИ и кандидат за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, ја обвини Владата дека, како што рече, „во полн интензитет“ ја спроведува политика за маргинализирање на Албанците и укинување на заштитните механизми од Охридскиот рамковен договор. Посочи дека Бадентеровото мнозинство, „балансерот“ и јазичната застапеност се „механизми за заштита од мајоризација“ и ги нарече „најголема пречка“ за, како што тврди, радикална националистичка политика на Мицкоски, ВМРО и ЗНАМ. Според него, изјави од владини претставници кои ги доведуваат во прашање овие инструменти се знак за обид да се „отстранат ограничувањата“ на „авторитарна позиција“.

Градоначалникот на Тетово и претседател на Движење „Беса“, Биљал Касами, пак, истакна дека тоа што е извршено намалување на бројот на советници во одредени општини нема етничка основа како што го претставува опозицијата од албанскиот политички блок. Тој се произнесе по ова прашање по барање на новинарите од настан во Тетово.

– Јас ценам дека ова нема етничка основа, иако албанската опозиција се обидува тоа да го користи за нивните дневни политички игри, а имајќи предвид дека општините со мнозинско македонско население имаат изгубено повеќе советници отколку општините каде Албанците се мнозинство. Затоа, мојата молба е до Уставниот суд одлуките во врска со оваа проблематика да бидат побрзо, имајќи предвид дека влегуваме во избори и не би сакал изборите некој да не ги прифати поради оваа проблематика која е во однос на тоа резиденти, регистрирани жители, изјави Касами и испрати повик до сите политички фактори да не се злоупотребува ова за дневна политика.

 

 

ИЗДВОЕНИ