Нов инвестициски циклус од 30 милиони евра и нови 200 работни места во следната 2026 година најави премиерот Христијан Мицкоски при посетата на компанијата „Костал“ во Охрид. А пак, до крајот на годинава, тој најави дека се очекува четири до пет компании да потпишат договори за отворање свои капацитети во земјава, во кои би биле вработени околу 1.000 луѓе.
– Веќе имаме неколку што се во процес на завршување на преговори. Очекувам до крајот на годината, четири или пет такви компании веќе да потпишат договори со Владата така што очекувам нови над 1.000 работни места кои што ќе бидат резултат на овие потпишување. Ќе има нови компании, некои ќе се отвораат, некои ќе се затвараат, но ние како Влада сме тука да работиме за интересите на граѓаните и на државата и убеден сум дека со поддршката што ја даваме сме конкурентни – рече Мицкоски.
Премиерот изјави дека обртот на компанијата „Костал“ кој лани изнесувал 3,5 милијарди евра ќе се зголеми за 300 милиони евра.
– „Костал” верува во Охрид, верува во Македонија, верува во својот бизнис тука и продолжува да го зголемува своето производно портфолио. Нивните цели овде во Македонија се импресивни, да обезбедиме нови 200 работни места, да дојдеме до обрт којшто би бил поголем од 300 милиони евра и ние како Влада апсолутно сме тука да помогнеме во реализирањето на овие цели, бидејќи тоа за нас како држава значи многу – изјави Мицкоски.












