Вимблдон е, веројатно, најпрестижниот гренд слем турнир во тенис, кој отсекогаш се сметал за нешто особено. На сета таа традиција да ја додадеме обврската на играчите да играат во бело, како и многу строгите правила. Едно од нив е дека им е строго забрането на тенисерите да користат телефони во текот на натпреварите. Но, тоа правило не важи само за еден човек. За Саша Зверев. Зошто? Затоа што има дијабетес тип 1 и му е потребен телефонот за да го следи шеќерот во крвта и да реагира во случај да има потреба од тоа. Тој го објасни сето тоа пред финалето со Јаник Синер.
– Технологијата многу помогна во следењето на дијабетесот. Имам два телефони со мене, едниот е за на терен, нема СИМ- картичка или нешто слично. Затоа судиите ми дозволуваат да го проверувам телефонот и да ја следам состојбата за да не морам да вадам крв на секоја пауза. Понекогаш се случува да не нема сигнал доволно брзо, па морам да го боцнам прстот и да проверам, но мислам дека технологијата многу помогна во борбата против дијабетесот – рече Зверев.
„Мајка ми плачеше, лекарите ми рекоа да се откажам“
Во едно од претходните интервјуа, Саша раскажа како било кога дознал дека има дијабетес како дете и како му рекле лекарите да се откаже од тенисот и дека нема шанси да стане професионалец.
– Моите родители беа навистина исплашени и загрижени. Мајка ми многу плачеше кога ја добивме дијагнозата. Многу родители се плашат кога ќе слушнат како им велат лекарите: „Вашето дете е многу ограничено“. Дури и тогаш им кажав на лекарите дека сакам да играм тенис и тоа беше мојата единствена цел – рече Саша.
Лекарите ги советувале и неговите родители и него да го остави рекетот и да најде нешто друго во што е добар.
– Некои лекари ми рекоа: „Не, мора да престанеш, нема шанси да станеш професионален спортист со оваа болест“. Ми објаснија дека не можам со дијабетес да играм спорт што е толку физички напорен како тенисот. Тие зборови ми останаа во глава, многу ме нервираа, да бидам сосема искрен. Мислам дека не треба да им поставувате граници на децата бидејќи не е фер кон нив – заклучи Зверев.












