Општина Ѓорче Петров го врати корзото, но сега со модерен и современ изглед. И покрај тоа, младите сега не го доживуваат така како што го доживувале тогашните жители некогаш. Сегашниот градоначалник, Александар Стојкоски, кој ќе ја бара довербата од своите сограѓани и на претстојните локални избори, најави дека ќе продолжи со борбата за почиста и позелена општина. Истакна дека минатата година, во есенската акција за зазеленување, биле насадени 20.000 дрвја, додека во пролетната – 40.000. Во телевизиско интервју, најави дека до крајот на годинава, во есенската акција ќе бидат насадени уште 40.000 дрвја, јасен бука, даб
Старите ѓорчепетровци се сеќаваат како се среќавале некогаш на корзото во својата населба, кое, од пред неколку години, повторно е нивно собиралиште. Сепак, велат дека некогашното шеталиште не може да се спореди со ова сега, особено со тогашните навики и начин на живеење. Во фејсбук-групата „Наше Ѓорче“, ѓорчепетровци споделија како го доживувале корзото и што, всушност, значело тоа за нив.
Скопскиот хроничар Данило Коцевски оставил запис во кој, меѓу другото, вели дека корзото било многу богато и посетено од млади.
– Доаѓаа млади и од другите делови на Скопје, но и од другите градови на државата. Во тој период од постземјотресно Скопје, одевме во Ѓорче Петров и во кино – раскажува Коцевски.
Зора Бајрактарова нагласува дека немало поубава забава од корзото.
– Тука се среќававме. Одевме без пари на корзо. Се среќаваа убави, здрави млади луѓе. Тоа траеше до 21:00 часот. Потоа градот тонеше во тишина – се сеќава Бајрактарова.
Таа додава дека излегувале на корзо да ги покажат тоалетите и своите марифети.
– Се вадеа везените блузи и фустани и се покажуваше кој е повешт во тоа – вели Барјактарова.
Мице Јанкуловски се надоврзува и вели дека корзото било на улицата што поминувала покрај паркот.
– Тука беа Домот на културата, киното и противпожарниот клуб – напоменува Јанкуловски.
Она што било интересно е што во берберницата на корзото, пред да одат на шетање, младите правеле фризури, кои биле во тренд тогаш. Тоа било доживување кое, како што велат постарите ѓорчепетровци, никогаш нема да го заборават.
И покрај тоа, младите сега не го доживуваат така како што го доживувале тогашните жители некогаш. Сепак, Општина Ѓорче Петров, пред повеќе години, на барање од жителите, го врати корзото, но со модерен и современ изглед.
Сегашниот градоначалник, Александар Стојкоски, кој ќе ја бара довербата од своите сограѓани и на претстојните локални избори, најави дека ќе продолжи со борбата за почиста и позелена општина. Истакна дека минатата година, во есенската акција за зазеленување, биле насадени 20.000 дрвја, додека во пролетната – 40.000. Во телевизиско интервју, најави дека до крајот на годинава, во есенската акција ќе бидат насадени уште 40.000 дрвја, јасен бука, даб…
– До крајот на годинава, во есенската акција ќе насадиме уште 40.000 дрвја, јасен бука, даб. Ќе дојдеме до 100.000 насадени дрвја. Да не зборувам за другите помали акции. Така, пред еден месец насадивме дрворед покрај реката Вардар – истакна Стојкоски.
Како и повеќето градоначалници на скопските општини, и тој се пожали од Град Скопје, односно од ЈП „Паркови и зеленило“, за нередовно одржување на зеленилото, кое е во нивна надлежност.
– Централниот парк во Ѓорче Петров, кој е во надлежност на Град Скопје, годинава, како општина, ние го одржуваме. Ја прифативме ситуацијата каква што е, сигурно дека нема да ги оставиме граѓаните на милост и немилост – дециден е Стојкоски.
Тој додаде дека доставиле готов проект до Град Скопје за реконструкција на паркот, со систем за наводнување, кој чини 6 милиони денари и кој само треба да биде одобрен.
– Во паркот има бунари што се во функција, а не се користат. Може да се употребат – смета Стојкоски.
Освен тоа, тој потсети дека на местото на некогашната депонија во Ново Село сега има мегапарк, во што, како што рече, помогнал и Градот, а го наведе и проектот за следење на фрлањето отпад и појавата на диви депонии на критичните точки, со камери и со дронови.
– Тоа психолошки влијае на луѓето. Треба да бидеме поригорозни кога се во прашање фрлањето отпад на несоодветни места и загадувањето. Во таа насока, треба да се одвојат повеќе средства за поставување системи за набљудување – смета Стојкоски.
Тој, исто така, го наведе и проблемот со нередовното собирање на сметот од контејнерите и од кантите за ѓубре во домаќинствата, кој го нарече феномен, кој е особено изразен последнава година.
– Бидејќи не се празнат кантите од домаќинствата редовно, граѓаните ги истураат во контејнерите, па се случува прелевање на сметот околу контејнерите. Не може да се апстрахира ЈП „Комунална хигиена“ од празнењето и на контејнерите во училиштата кога не работат – нагласи Стојкоски.
Државниот завод за ревизија, пак, неодамна излезе со податок според кој снимките од извршеното снимање со дрон на повеќе локации и во повеќе градови во државата покажале дека централните градски подрачја не содржат доволно јавни зелени површини, кои треба да придонесат за намалување на загадувањето и за чиста животна средина. Општините Чаир и Кисела Вода учествуваат само со 3 % од урбаното зеленило на Град Скопје.
Воедно, како што информираат од ДЗР, од 34 општини со седиште во град, само две општини (Град Скопје и Општина Охрид) имаат донесено стратегии за развој на зеленилото. Зелен катастар во форма на ГИС1-портал имаат три општини (Град Скопје, Кавадарци и Охрид), а 18 општини не ја почитувале обврската за носење годишни програми за подигање и одржување на зеленилото.
– Ова укажува на немање долгорочна визија, цели, активности и индикатори за следење на урбаното зеленило на локално ниво – потенцираат од Државниот завод за ревизија.
(А. П.)