
Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ имаше што да каже по победата над Корентано Муте со 6:3, 6:2, 7:6 во второто коло на грен-слем турнирот Ролан Гарос.
„Беше добар натпревар, добра борба, особено во третиот сет кога малку се искомплицира со моите плускавци на стапалото. Малку ме вознемирија, но добро го завршив натпреварот, се движев добро и одиграв одличен тајбрејк. Атмосферата беше електризирачка, противникот можеше да го добие и третиот сет, публиката му помогна, не беше забавно за мене. Никогаш не е лесно да се игра така, но останав смирен и успеав да го направам она што морав“, рече Новак.
Секако, тој зборуваше и за разликата помеѓу терените Филип Шатрие и Сузан Ленглен.
„Можете да ја почувствувате разликата, публиката е многу поблиску, но тоа го прави тој терен мошне интересен, дури и за играчите, но и за публиката, бидејќи е поинтимно и погласно. Во минатото чувствував дека Сузан Ленглен може да биде навистина гласна, поради фактот што го доживувате натпреварот многу поблиску како навивач и сте повеќе вклучени. Мислам дека сега има повеќе помлади луѓе, повеќе деца… Беше забавно, не сум играл многу на Ленглен во последните години, па беше убаво да се доживее тоа.“
Денес беше потопло отколку пред два дена, а како овие промени влијаат на самата игра?
„Тоа не е ништо на што не сме навикнати, како тенисери. Мораме постојано да се прилагодуваме, секој ден може да биде различен, земјената подлога е жива и е под влијание на какви било промени во времето. Мора постојано да бидете подготвени и флексибилни за да се навикнете на условите. Секако, исто е и за двајцата играчи. Несомнено е предизвикувачки, но тоа е нешто на што сме навикнати, особено кога зборуваме за Париз, каде што времето е непредвидливо. Може да биде многу топло и ладно, а тоа влијае на летот на топката низ воздухот, на скоковите… И зависи и од тоа против кого играте и мора да бидете подготвени за сè“, објасни Новак. Познатото видео за возење велосипед ја обиколи планетата…
„Во минатото сум возел велосипед во Париз, но не сум возел веќе некое време. Ролан Гарос ми даде велосипед, па вчера го возев за првпат. Имавме малку среќа на тој кружен тек, во еден момент имаше велосипеди околу нас, почувствував адреналин и не мислам дека ќе го направам тоа повторно! Особено на тој начин, кога нè снимаа… Побезбедно е на други улици, но бевме доволно луди за да влеземе во тој кружен тек. Беше забавно, но и опасно во еден момент! Добро е да се види Париз со велосипед, кога не си во автомобил во толпа, ако можеш да одиш со велосипед тогаш е навистина убаво да се шеташ низ центарот на Париз, има многу убави работи што може да се видат“.
Србинот зборуваше и за плускавците и за повредите:
„Да, вистина е, постар сум од сите други! Времето за закрепнување не е многу подолго, прилично сум здрав, немам некои поголеми проблеми, но ми требаше речиси еден час да го средам крвавењето што го имав. Мораа да користат инјекции, да ми земат крв и да ми инјектираат нешто за да го решат проблемот. Но, тоа е нешто што секој со крвавење од плускавци мораше да го направи, па затоа доцнам тука на конференцијата, жал ми е! Не мислам дека ќе има проблем со тоа, игравме три сета, трчавме многу, а добрата работа со грен-слем турнирите е што имам еден ден да закрепнам и доволно време да се подготвам за следниот натпревар“, рече Ѓоковиќ.
Дали ќе го гледаат финалето на Лигата на шампионите?
„Ќе навивам за ПСЖ! И сигурно ќе гледам, ако не играм ноќна сесија. Тоа ќе биде добро. Нека биде тоа порака за организаторите на Ролан Гарос…“, рече Новак Ѓоковиќ.