На најтешко настраданите семејства по неделната поплава во Кичево ќе им биде потребна голема помош за да им се ублажат последиците од големата непогода. Поплавата најтешко ги погодила 62 семејства кои живеат во населбата „Прилепска“, непосредно до реката која се излеала, но поплавата зафатила и други домаќинства. Но, добар дел од нив – во населбите Карпош, Подварош, Пашино… – поминаа со нешто полесни последици. Во куќите кои се наоѓаат во прилепската населба, водата достигнала ниво од дури 1,70 метри поради што тешко е оштетена сета покуќнина што ја имале семејствата по домовите.
Бесник Селими од општинската организација на Црвен Крст во Кичево за весникот ВЕЧЕР изјави дека, деновиве, главната задача им е да се обезбеди секојдневна грижа за 250 лица засолнати во спортската сала.
– Тие сè уште не можат да се вратат во своите домови. Не само што водата сè уште не е повлечена оттаму туку и сета нивна внатрешна покуќнина сега е неупотреблива. Трагично е и тоа што на 45 семејства им се помогна по неодамнешните поплави со кревети и душеци, а сега и тие се оштетени и ќе мора да се фрлат. Практично, кога за неколку дена водата ќе се повлече, ќе се започне со чистењето на дворовите, исфрлањето на сета покуќнина и со дезинфекција на просториите. Тогаш и ќе се постави прашањето на набавка на нови покуќнини за постраданите – вели Селими за весникот ВЕЧЕР.
Инаку, засолнатите во спортската сала редовно добиваат оброци и хигиенски средства благодарение на ангажманот на Црвен крст но и на бројни донатори од градот. Вчера, до салата, Армијата го поставила и подвижен тоалет во кој граѓаните ќе можат и да се бањаат.
– Извесно е дека постраданите сега ќе мора да останат подолго време во спортската сала. Ако поради неодамнешната поплава во салата беа засолнати осум дена, сега, претпоставуваме, дека ќе останат уште најмалку десетина дена. Тоа значи дека сите треба да се мобилизираме за да им се помогне. Наскоро на терен ќе треба да излезат и екипите за процена на штетите и со тоа да се забрза процесот на ублажувањето на тешките последици – ни рече Бесник Селими.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави помош и од Владата.
-Откако ќе бидат констатирани сите штети, извештајот ќе го ставиме на владина седница и ќе излеземе со поддршка на оние кои претрпеле штета – најави тој.
Црвен крст на Македонија вчера соопшти дека за помош и поддршка на настраданото население во Кичево, Гостивар и Скопје се ангажирани 200 нивни волонтери и вработени.
– Во Кичево, вкупно засегнато население со материјална штета се 362 домаќинства, односно, околу 1.200 лица од кои 250 лица (62 семејства) се евакуирани и привремено грижени во спортската сала „Христо Узунов“, меѓу кои 61 дете, 178 возрасни и постари лица и 11 лица со попреченост. Погодено е население и во општина Гостивар (село Форино) околу 500 живеалишта, и во општина Сарај (село Буковиќ, Семениште и Горна Арнакија) 30 живеалишта. Во рамките на хуманитарната интервенција се дистрибуираше помош на 400 семејства и тоа вода, ќебиња, хигиенски пакети, храна… – се наведува во соопштението. (Б. Ѓ.)
Нивото на Вардар е намалено, најава за нови врнежи
На територијата на Кичево се очекува понатамошна стабилизација на состојбата, соопшти вчера Центарот за управување со кризи. Во информацијата се наведува дека се работи на расчистување и за продлабочување на коритото на Зајачка Река, со поддршка од механизација на локални компании. Паралелно, се врши чистење на фекалната и на атмосферската канализација, а се врши и отстранување на водата од подрумите.
– Нивото на реката Вардар е намалено во однос на претходните три дена и во моментов нема опасност од излевање – се наведува во соопштението.
УХМР вчера соопшти дека денеска и утре (петок) подрачјето на Македонија ќе биде под влијание на влажен бран, при што ќе има повремени врнежи од дожд, а на планините снег.












