Неидентификувани дронови беа забележани синоќа над воена база во близина на Ајндховен, која ја користи НАТО, објави денес холандското Министерство за одбрана, пренесува FoNet.
Се известува дека воениот персонал распоредил оружје за да се обиде да ги собори дроновите, но тие се оддалечиле и повеќе не биле видени, објавува „Би-би-си“.
Холандската полиција го истражува инцидентот, а официјалните лица изјавија дека од безбедносни причини нема да дадат дополнителни детали за тоа како дроновите стигнале до базата или какви мерки биле преземени.
Покрај тоа што ја користат холандските воздухопловни сили, базата е дом и на ескадрила на американските воздухопловни сили како дел од силите на НАТО во Европа.
Инцидентот следува откако дронови беа видени во други холандски воздухопловни бази во последните неколку недели, како и во Белгија, Данска и Германија.
Недостатокот на докази што укажуваат на нивното потекло ги попречи истрагите, бидејќи дроновите генерално се оддалечуваат по некое време.
Некои европски претставници веруваат дека тоа е дел од хибридна војна што Русија ја води против сојузниците на Украина, но за ова има малку јасни докази, а Москва постојано го негира тоа.












