На 19 септември! Иако пред некое време се крена голема прашина поради настапите на ексјугословенските пејачи на градските плоштади во Македонија, а најмногу на пејачите од Србија, по сè изгледа, сè ќе остане на народната дека “кучињата лаат, а карванот си врви”. Па така, многу скоро, на 19 септември, градскиот плоштад во Неготино еуфорично ќе ечи, исполнет со мегахитовите на српската мегамузичка ѕвезда Милица Павловиќ, која, минатата зима, со својот концерт ја преполни скопската сала „Јане Сандански“.
Традиционалната септемвриска „Неготинска музичка вечер“ и оваа рана есен ќе донесе вистински спектакл, кој ветува дека ќе ги задоволи сите вкусови.
Општина Неготино се потруди да ја ангажира прилично популарната пејачка од соседна Србија. Колку и да се спротивставени мислењата и ставовите околу настапот на секси сињорита Милица, како што вели насловот на еден од нејзините хитови.
Сите добро паметат дека минатиот септември, плоштадот беше исполнет до последното место, а оваа година со гаранција се очекува уште повеќе публика и уште повеќе добра забава. Организаторот вели дека Милица е гаранција за тоа.Вечерта ќе започне со настапот на македонскиот изведувач Жаре Бербер, кој секогаш ја освојува публиката со својот препознатлив стил на пеење. Него го памтиме и по спектакуларниот повеќемесечен настап во тв-серијалот “Преживеани“ кога низ шумите на Амазон успеа да се прехрани само со јадењата на егзотичните животни и билки. По контровезниот пејач, ама и добар водител, на сцената ќе излезе атрактивната Милица Павловиќ, која треба да го започне настапот со својот голем еротски хит – „Кучкетина“, за потоа да се редат, исто така, слушаните: „Оперисан од љубави“, „Баја-папаја“, „Секси сињорита“, „Дабогда пропао“, „Пацијент“, „Риба де лукс“, „Паклени план“ итн… Со своите хитови и енергични еротски настапи, Милица ќе го претвори неготинскиот плоштад во огромна концертна (спортска) сала под отворено небо, со над 20-тина илјадита публика.
По нејзиниот настап, ноќта ќе продолжи како некој ноќен клуб во ритамот на диџеј Тодороф, сè до раните утрински часови, во зависност од расположението на присутните.
Водител на овој целовечерен настан ќе биде познатиот македонски јутјубер, Стефан Лазаров. Секако, влезот е слободен, а добрата забава е загарантирана. (Д. М.)