Расте интересот за недвижности во Албанија, Црна Гора и во Македонија. Туризмот, ниските цени и перспективата кон ЕУ ги охрабруваат инвестициите и развојот на пазарот, пишува германскиот бизнис-весник „Ханделсблат“.
Во Црна Гора, поранешната тврдина Мамула, позната по својата темна историја, е претворена во луксузен хотел. На албанската ривиера, во близина на Валона, е изграден ексклузивниот комплекс „Зелен брег“, додека во Драч се реализира амбициозен проект за реконструкција на главното пристаниште, вклучувајќи луксузна марина и станбен и угостителски центар, пишува авторот Герд Хибнер во германскиот дневен весник „Ханделсблат“, кој се фокусира на економските прашања.
Тој наведува дека големите хотелски синџири како што се „Хилтон“, „Мариот“ и „Интерконтинентал“ сè повеќе инвестираат во регионот, што се толкува како знак на доверба во неговиот туристички потенцијал.
– Списокот на проекти и на нови градби во Црна Гора, Албанија и во Македонија продолжува – нагласува „Ханделсблат“.
Текстот нагласува дека се видливи промени и го цитира Ерион Метоја од „Aлбанија имобилиен инвест“, кој вели: „Пазарот на недвижности во Албанија добро се разви, продажбата се зголеми за три до четирипати“.
– Сепак, цените сè уште се релативно ниски. Овие пазари сè уште се сметаат за скриени бисери на Европа, а земјите стануваат сè попопуларни меѓу туристите – пишува весникот.
Весникот наведува дека „во 2024 година, Албанија ќе ја посетат околу 11,7 милиони странски туристи, што е зголемување од 15 проценти во споредба со претходната година. Туризмот во Албанија сочинува околу една четвртина од бруто домашниот производ (БДП), пишува „Ханделсблат“ и додава дека е забележан сличен удел на туризмот во БДП и во Црна Гора.
– Економскиот раст е забележлив: оваа година албанската економија треба да порасне за околу 2,4 проценти, во Црна Гора за околу 3 проценти, а во Македонија за 3,2 проценти.
Во текстот се наведува дека преговорите за пристапување во ЕУ дополнително го поттикнуваат оптимизмот на пазарот на недвижности во регионот.
– Аналитичарите посочуваат паралела со Хрватска, каде што пораснаа цените на недвижностите по пристапувањето во ЕУ.
Особено во Албанија, инвеститорите се привлечени од комбинацијата од растечка туристичка побарувачка, ниски почетни цени и ограничена понуда на атрактивни крајбрежни локации, изјави за „Ханделсблат“ Андреас Герлер, менаџер во „Велинвест Прушке и Калм ГмбХ“. Исто така, се забележува дека цените на недвижностите во Албанија значително варираат во зависност од локацијата. На север, тие се движат помеѓу 1.000 и 1.500 евра за квадратен метар, додека во јужните туристички центри може да достигнат од 5.000 до 6.000 евра, вели Метоја.
Во текстот понатаму се наведува дека во Скопје може да се купат нови станови по цена од 1.500 до 2.500 евра за квадратен метар.
– Во Црна Гора, во Котор или Добра Вода, становите може да се најдат во сличен ценовен опсег, додека куќите со базен чинат меѓу 500.000 и 750.000 евра – пишува „Ханделсблат“.
Весникот предупредува дека купувањето недвижен имот во странство не е лесно.
Герлер советува да се избегнува независно купување или онлајн портали: „Секогаш ангажирајте агенција што ги познава законските прописи во земјата и може да обезбеди договори и објаснување на германски јазик“.
Експертите предупредуваат и на „правните ризици, можните еколошки прописи и на недостигот на ликвидност, што може да биде проблем за препродажба“.
– Сепак, оној што пристапува внимателно и работи со сигурен партнер, не само што може да открие атрактивни дестинации за одмор туку и да профитира од потенцијалното зголемување на вредноста на недвижностите – заклучува авторот Герд Хибнер во весникот „Ханделсблат“.