Двата недовршени објекта кај Ректоратот спроти ТЦ„Мавровка“ во Скопје, чија изградба е стопирана повеќе од десет години, ќе се доградуваат откако ќе биде избран проектант, а потоа и изведувач на градежните работи. Од Министерството за образование и наука информираат дека во петокот истече рокот за пријавување на тендерот за нови проекти за градба, кој беше објавен кон крајот на 2025 година.
Повикот за понуди се темели на стручна анализа за состојбата на недоградените објекти и на потребите на нивните идни корисници. Како што појаснуваат од МОН, во изминатите години се промениле и стандардите за градење, но и реалните просторни потреби, поради што е донесена одлука двата објекта да ги користи исклучиво Факултетот за информатички технологии и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Првично, едниот објект беше наменет за Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, но анализите покажале дека ниту една од двете згради поединечно не може да ги задоволи потребите на двата факултета. За овој факултет, од МОН најавуваат изградба на нов објект на сегашната локација.
Стручната анализа што претходеше на тендерот ја изработи работна група координирана од проф. д-р Горан Марковски од Градежниот факултет, во која учествуваа и експерти од ФЕИТ, Машинскиот и Архитектонскиот факултет, како и од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС). Во разговор за МИА, проф. Марковски изјави дека објектите, кои зафаќаат вкупна површина од 22.753 квадратни метри, ќе го задржат постојниот габарит и нема да добијат барокна фасада.

– Ќе има прераспоредување на внатрешните простории и промени во инсталациите за греење и информатичка инфраструктура. Двата објекта се подземно поврзани со паркиралиште и ќе имаат топла врска, бидејќи ќе служат за еден факултет – вели Марковски, додавајќи дека проектната задача е обемна и дека на идните проектанти ќе им биде оставена доволна слобода во рамки на стручните насоки.
При увидот во состојбата, експертите утврдиле силна карбонизација на бетонот, што укажува на енормно загадување во тој дел од Скопје. Според Марковски, процесот е последица на долготрајна изложеност на влага и високи концентрации на јаглерод диоксид и може да доведе до корозија на арматурата, иако засега конструкцијата е оценета како солидна. Новото проектирање, кое се очекува да трае до есен, предвидува мерки за заштита на загрозените делови.
Динамиката на доградбата ќе зависи од буџетските средства, а од МОН се надеваат дека до крајот на годината ќе биде распишан и тендер за избор на изведувач, со што конечно би се ставила точка на еден од најдолготрајните инфраструктурни застои во високото образование.
Фото: Петр Стојановски












