Недовршените факултетски згради пропаѓаат, стручна литература од 13 милиони евра скапува

Ревизорите утврдиле низа слабости во работењето на МОН за 2023 година

43

Државниот завод за ревизија во најновиот извештај за Министерството за образование и наука за 2023 година алармира за сериозни слабости во управувањето со капиталните инвестиции во високото образование и проекти финансирани со европски пари.

Ревизорите откриваат дека изградбата на новите објекти за Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и за Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е сè уште неизвесна, иако започнала пред речиси десет години. Во периодот од 2016 до 2019 година за овие два проекта се исплатени речиси 2,92 милиони евра. Но, ревизорите утврдиле дека напредокот е минимален и дека објектите остануваат недовршени. Според нивните процени, за комплетирање на изградбата ќе бидат потребни дополнителни 21,95 милиони евра и уште три години работа.

Сериозни недостатоци ревизорите утврдиле и во управувањето со проектот „Превод на 500 стручни и научни книги и учебници“ од реномирани универзитети во САД, Англија, Франција и Германија. За овој проект, спроведуван од 2012 до 2021 година, Министерството исплатило преку 13 милиони евра. Наместо да бидат распределени до универзитетите и другите државни органи, книгите со години се чуваат во магацин во Гостивар, без целосна евиденција за прием и издавање, и без извршен редовен попис. Ревизорите констатирале и несоодветни услови за складирање – влага и температурни промени предизвикале оштетувања на дел од изданијата. Така, значителен дел од јавните средства вложени во проектот не ја исполниле првичната цел – обезбедување современа литература за унапредување на наставниот процес.

Кујната во Студентскиот дом „Тетово“ не функционира, затоа што не била направена вентилација, а набавената опрема не е ставена во употреба, па така дел од објектот за кој биле потрошени 3.450.000 евра не може да се користи, констатира ДЗР. Со ревизијата е утврдено и дека по повеќе од една деценија, МОН не презело мерки за наплата или отпишување на побарувањата по основ на студентски кредити доделени во периодот 1998 до 2010 година, од приближно 18 милиони евра.

 

ИЗДВОЕНИ