Недоставени фактури, високи или двојни сметки, камати и тужби – дури 611 приговори до Регулаторната комисија

42

Недоставени фактури, високи суми на сметки, двојно наплатени фактури или барања за спогодбено решавање на обврските, несогласување со начинот на пресметка, како и камати, тужби, промени на потрошувачот или на условите за плаќање се најчестите поплаки за снабдувањето со електрична енергија од граѓани и од фирми упатени до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, а кои се однесуваат на минатата година.

Најновиот извештај на РКЕ покажува дека до регулаторот лани пристигнале 611 приговори, од кои 468 се од домаќинствата, а помал дел се од образовните институции и од други видови потрошувачи. Споредено со 2023 година, евидентирани за 50 проценти повеќе приговори, што покажува на зголемено незадоволство меѓу потрошувачите.

Граѓаните најчесто се жалеле на недоставени фактури, високи суми на сметки, несогласување со начинот на пресметка, како и камати, тужби, промени на потрошувачот или на условите за плаќање. Значителен дел од поплаките се однесуваат и на двојно наплатени фактури или барања за спогодбено решавање на обврските.

Исто така, околу 20 проценти од приговорите се однесуваат на проблеми со грејната енергија, најчесто на пониски температури во домовите од пропишаните стандарди.

Граѓаните реагираат и на прашања поврзани со комерцијалните услови како нејасни договори, недостиг на информации, тешкотии при откажувањето или промена на условите.

Според извештајот на РКЕ, лани бил забележан пораст на исклучените потрошувачи на електрична енергија поради долгови, дури 10,63 проценти од вкупниот број, што е пораст од 2,64 проценти во однос на периодот од 2022 година. Или кажано преку бројки, минатата година 98.272 корисници се соочиле со исклучување, во споредба со 71.839 во 2022 година.

Во однос на казнената политика, Регулаторната комисија во 2024 година не поднела ниту едно ново барање за прекршочна постапка, а во тек останала само една постапка од претходните години.

За тековната 2025 година, РКЕ најавува 11 инспекциски надзори кај носителите на лиценци. Најголем дел ќе се однесуваат на снабдувањето со електрична енергија, но ќе бидат опфатени и нафтените деривати, природниот гас и топлинската енергија.

ИЗДВОЕНИ