Општина Бутел ги поканува граѓаните на сите настани кои ќе се одржат по повод 20 години од нејзиното основање.
Одбележувањето на роденденот, Општината го започна во саботата со најпопуларниот 3×3 баскет турнир во Република Македонија на добро познатата локација на кошаркарското игралиште во ООУ „Ацо Шопов”, а големото финале беше во недела.
Утре, првпат ќе се организира и детска трка на 300 метри за најмалите жители на која сите ќе бидат победници. Трката започнува во 10 часот на улица „Бутелска“. Истиот ден, со почеток од 19 часот во Македонска филхармонија ќе се реализира свечен настан на кој ќе бидат одликувани заслужни граѓани на општина Бутел кои во изминатиот период ја афирмирале и ја промовирале Општината.
Средата повторно ќе биде резервирана за најмалите. Во 17 часот ќе се одржат маалски игри без граници кои, како што велат од Општината, ќе ги посетат граѓаните на духот на Бутел. Ќе се игра плочка, жмурка, џамлии, влечење јаже, а ќе има и многу други изненадувања за најмалите.
Четвртокот ќе биде ден за најуспешни ученици и спортисти во Бутел.
Следниот викенд, пак, на 13 и 14 јуни 2025 година, на големиот паркинг на спортско-рекреативниот центар „Македонија” кај „Олимпија” е подготвена забава со најголемите македонски музички изведувачи. Граѓаните ќе имаат можност да уживаат во настапите на групата „Куку Леле“, Сузана Спасовска, Влатко Миладиновски, Пајак, Таско, КУД „Плетеница“, Мелани Тарчуловска, Јована Богдановска, Марија Спасовска и Јанко од Колумбија.