Наближувањето на решавачкиот втор изборен круг на локалните избори в недела отвори цел пазар со гласови на кандидатите кои отпаднале на гласањето на 19 октомври, полни со нивни принципиелности, но и непринципиелности. Ова посебно се однесува на кандидатите во неколку општини за кои во одредени партиски штабови е проценето дека им се посебно важни. Истовремено, и самите партиски и независни кандидати придонесуваат за тоа во јавноста да се создаде слика на пазарењата со гласовите. Ова посебно важи за општините какви што се Кичево, Брвеница, Струга, Тетово, Дебар… во кои ќе се водат најнеизвесни битки во финалното гласање.
Откако лидерот на Беса, Билал Касами, кој е еден од лидерите на коалицијата „Вреди“, јавно кажа дека во Кичево ќе го поддржи кандидатот на опозициската НАИ предводена од ДУИ во битка со противкандидатот од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, нова непринципиелност се случи околу општина Брвеница. Таму, кандидатот за градоначалник Хаќим Рамадани, од редовите на коалицијата „Вреди“, заедно со отпаднатиот противкандидат од опозициската ДУИ, Енвер Пајазити, скандалозно агитира со цел во оваа општина на нејзиното чело да биде само етнички Албанец.
– Општината каде што има албанско мнозинство секогаш ќе се раководи само со Албанците. Немаме ништо против македонскиот народ и другите народи што живеат во тие општини. Но, секој треба да знае кој е газда во својата земја. Општина Брвеница треба да биде управувана од мнозинството бидејќи ова е демократско право. Мора да ја браниме нашата татковина, се бориме со месеци и години за општина Брвеница да биде доминирана од Албанците – изјави деновиве Рамадани на собирот со албанските иселеници во Хамбург, Германија, каде што се појави заедно со Пајазити.
Илиевски: Повиците на Рамадани за поделба не носат ништо добро
Ова е сосема спротивно од официјалниот став на коалицијата „Вреди“, која има договор за соработка со владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ за изборна соработка. Со ваквиот однос на кандидатот на „Вреди“ во Брвеница станува неизвесно дали кандидатот Јовица Илиевски, кој во првиот круг освои 3.388 гласови, ќе излезе победник бидејќи Рамадани од „Вреди“ освои 2.021 гласа, а Пајазити од ДУИ – 1.147.
Илиевски денеска порача дека ваквите повици не носат добро.
– Јас бев фокусиран на проекти на зближување, без разлика на етничката припадност и така ќе продолжам да ја водам општината во тој тренд. Улици, патишта, без разлика, на село, на население, сите се рамномерно застапени во општината. Никаков проблем немаше со месното население, овие повици на поделба на никого не му носат добро. Населението докажа и во првиот круг, тогаш имавме албански гласови, и сега ги очекувам. Докажано е и уште еднаш повик до сите, не сме за омраза, не сме за поделба, ги повикувам сите заедно да докажеме дека Брвеница е мултиетничка средина и така ќе остане – нагласи Илиевски.
Опозициската Левица, пак, ваквиот настап на Рамадани вчера го окарактеризира како скандалозен.
– Скандалозните изјави на кандидатот за градоначалник на Брвеница од „Вреди“ – Хаќим Рамадани, предизвикуваат етнички тензии и шират национален шовинизам, во очигледно отсуство на проекти и визија за развој на сопствената општина! – стои во соопштението на Левица.
Во Струга, пак, кандидатот на партијата Демократи, Роберт Милески, кој во првиот круг освои 824 гласови на социјални мрежи, објави дека ќе го поддржи неизвесниот кандидат Менди Ќура, поддржан од „Вреди“ и кој има 9.934 гласови.
– Оваа одлука е донесена со срце, со совест и со љубов кон Струга. Многу од проектите што ги понудив во кампањата ќе бидат спроведени во дело со поддршка на Ќура и на неговиот тим – објави Милески на социјалните мрежи.
Милески, инаку, во кампањата силно ја обвинуваше владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ дека „ја продава Струга на политичкиот пазар, како што веќе го прават и другите“, а за себе наведуваше дека се бори за Македонците во овој град. Така, в недела, Ќура ќе се соочи со противкандидатот Арсим Далипи од ДУИ кој има 9.719 гласови.
Напоредно со ова, двајца независни кандидати кои влегоа во вториот изборен круг – Сашо Пивковски од Могила и Милосим Војнески од Македонски Брод – објавија дека се повлекуваат. Тие образложија дека „не сакаат да создаваат поделби меѓу граѓаните“. Во првиот круг, Пивковски освои 37 отсто од гласовите во Могила, а Војнески 20 проценти во Македонски Брод, зад себе оставајќи ги кандидатите на СДСМ. Сега, само формално, имињата на Пивковски и на Војнески ќе останат на гласачките ливчиња. По ова, премиерот и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека нивната коалиција по освоените 33 градоначалнички позиции во првиот круг, во вториот веќе стартува со 35.
– И од останатите 24 наши кандидати очекувам да бидат градоначалници – рече Мицкоски.
Ивановска нема да повикува за кого да се гласа
Во скопската општина Центар, пак, независната кандидатка Билјана Ивановска викендов соопшти дека „нема да им кажува на граѓаните за кого да гласаат“.
– Нема да ги повикувам граѓаните да гласаат за еден или за друг кандидат бидејќи секој граѓанин си е здраворазумен, има право на гласање и има одговорност кому ќе го даде својот глас – рече Ивановска, која како кандидатка на „Независни заедно“ освои 4.465 гласови.
Тие може да бидат решавачки во битката меѓу другите кандидати и Горан Герасимовски од коалицијата предводена од СДСМ, кој освои 8.535 гласови и оствари разлика од 2.828 гласови во однос на Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ за кого гласаа 5.707 граѓани. Тука битка се води и за гласовите кои во првиот круг ги добила Марија Среброва од Левица – 2.121. Лабудовиќ вчера изрази уверување дека гласачите на Ивановска ќе го поддржат.
– Со Билјана Ивановска, практично, имаме ист концепт и визија за Центар. Тоа го тврдам со целосна одговорност – изјави Лабудовиќ.
Од друга страна, Герасимовски деновиве имаше средби „од врата до врата“ со граѓаните на Центар.
– Работевме домаќински, не потрошивме ниту еден денар на непродуктивни трошоци. Покажавме како се води општина, во интерес на сите граѓани – рече Герасимовски.
Во случај на финалното гласање во Кичево, остана неизвесно кого ќе поддржат симпатизерите на опозициската Левица. Амар Мециновиќ, кандидатот на оваа партија за скопски градоначалник, деновиве не откри дали ќе заземат страна меѓу водечкиот кандидат Александар Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ со 11.682 гласови и Фатмир Дехари од ДУИ со 5.586 гласови.
– Портпаролската функција за овие избори ми е ставена на пауза. Не дека нема да имаме став, ќе имаме став. Не ми е местото сега јас да го коментирам ова, затоа што имаме една голема обврска пред нас, а тоа е вториот круг за Град Скопје – изјави тој во интервјуто за телевизијата Сител.
Јована Мојсоска, пратеничка од Левица и генерален секретар на партијата, завчера обвини дека „Вреди“ и ДУИ отворено соработуваат во три општини, како Чашка, Брвеница и Кичево. Како одговор за ова, од коалицијата „Вреди“ вчера обвинија дека ДУИ има изборен договор со Левица.
– Секојдневно се открива нејзиниот срамен договор со Левица, соработка што го предава интересот на Албанците за лична моќ. Конечниот удар ќе дојде на 2 ноември во Тетово, Дебар, Долнени, Брвеница – соопштија од коалицијата.
Коалицијата „Вреди“ во петокот ги повика своите членови и симпатизери „да не гласаат за кандидатот на ДУИ, Фатмир Дехари“, откако лидерот на Беса, Билал Касами, апелираше на тоа. Подоцна, Касами само соопшти дека „за Кичево има соопштение на коалицијата „Вреди’“ без да упати нов повик до своите приврзаници во Кичево. Врзано со Тетово, пак, каде што Касами има предност од првиот круг со 19.028 гласови во однос на ривалот Бајрам Реџепи од ДУИ со 15.272, клучно, по сè изгледа, ќе биде каде ќе отидат гласовите на етничките Македонци. Дел од медиумите објавија дека Касами ја загубил поддршката од ВМРО-ДПМНЕ по неговите ставови за гласањето во Кичево. На гласањето в недела ќе се види каде ќе отидат гласовите на 4.205 гласачи кои гласале за советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во Тетово, но и на оние 1.358 кои гласале за листата на Левица и 1.238 кои својот глас го дале за советниците на СДСМ.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, вчера изјави дека деновиве ќе одлучат кого ќе поддржи во општините каде што немаат свој кандидат за градоначалник.
– Ќе донесеме заклучок најдоцна до среда. Одлуката ќе се темели на локалните околности, на анализите на општинските организации и на расположението на членството. Поддршката нема да се заснова на етничка припадност, туку на политички ставови и вредности. Мултиетничкиот карактер и добрите меѓуетнички односи мора да останат приоритет – додаде тој. (Б. Ѓ.)
Мицкоски: Голема грешка на Рамадани, им наштети на кандидатите на „Вреди“
Премиерот и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истапот на кандидатот за градоначалник од редовите на „Вреди“, Хаким Рамадани, кој повика Брвеница да биде „албанска општина“, го оцени како голема грешка.
– Со жалење го слушав она што го кажа Хаким Рамадани во една егзалтирана состојба. Не знам дали тоа беше специфичен момент за него, но мислам дека направи голема грешка. Пред сè, за кандидатите за градоначалници на „Вреди“, од истата коалиција за која настапува. Замислете што ќе се случува сега во Тетово, во Струга, во Дебар и во одредени други општини. Толку себичен потег од политичар, Македонија не видела во поновата историја – да ветува и да мисли само на себе и на својот кусоглед интерес. Притоа, да ги занемари сите останати кои се борат за градоначалнички мандати. Навистина за жалење – нагласи Мицкоски за време на денешниот престој во Брвеница мислејќи, очигледно, на изјаснувањето на етничките Македонци во овие градови и со што би можеле да се сменат резултатите од првиот изборен круг.
Премиерот додаде дека Рамадани ќе ги изгуби изборите.
– А потоа ќе биде разрешен од позицијата што ја извршува во овој момент, директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа – најави Мицкоски.
На новинарско прашање дали „Вреди“ на терен повикува да се гласа против ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски одговори дека не би се согласил со таква констатација.
– Не би рекол дека е така. Го следев Фатмир Лимани од Кичево и тој не повика да се гласа против нашиот кандидат. Второ, „Вреди“ испрати соопштение со кое не го поддржа Фатмир Дехари. Еве, и јас ги повикувам Албанците во Кичево да размислат дали треба да го дадат својот глас за човекот што ги уценува нивните ќерки и внуки – нагласи премиерот.
Филипче: Ќе има кадровски промени во раководството на СДСМ по изборите
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска најави политички и кадровски промени во раководството на партијата по завршувањето на изборниот процес.
– Овие избори се показател за тоа како да се поставиме и како да функционираме во следниот период. Затоа што очигледно е дека е потребно, особено во тие општини каде што не го постигнавме посакуваниот резултат – да продолжиме со интензивна работа. Дозволете да најавам политички и кадровски промени во раководството, нели, по изборите – за што ќе бидете известени – рече Филипче, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата во скопската општина Аеродром.
Тој потсети дека лани ја затекол партијата во навистина тешка и лоша состојба, по изборен пораз со разлика од 300.000 гласови.
–Во некои општини сега бројот на гласовите за нас е значајно зголемен, некаде 40-50 отсто, а некаде гласовите се дури и дуплирани, што значи дека работата дала ефект. Од друга страна, има општини каде што тоа не се случи – тука мислам на скопските општини – рече Филипче.












