По одлуката на Уставниот суд на Црна Гора, Владата повторно ја отвора дебатата за работа во недела. Работодавците бараат измени, синдикатите не дозволуваат чепкање на правото на неделен одмор. Државата губи приходи зашто граѓаните ги трошат заработените пари во соседството. Поради ова, недела како неработен ден повторно ќе биде ставена на маса како една од темите на расправа на седницата на Економско-социјалниот совет

 

Црна Гора ја укина недела како работен ден бидејќи била неуставна. Ова ги поттикна и нашите работодавци да размислуваат во насока на укинување на недела како работен ден. Кај нас, пред три години, Стопанската комора поднесе ваква иницијатива до Уставниот суд, но таа беше отфрлена, односно недела остана работен ден. Сега, од Министерството за економија и труд најавуваат дека повторно се разгледува можноста недела да стане работна, со тоа што пред да се донесе решение за ова, треба да се разговара на седница на Економско-социјалниот совет. Според работодавците, има многу причини повторно да се разгледа овој Закон, а, според синдикатите, не треба да се чепка веќе утврденото право на непрекинат неделен одмор од најмалку 24 часа, за период од седум дена.

– Нашите одредби во Уставот не се разликуваат многу во однос на црногорскиот. Уставниот суд на Црна Гора ја прифати иницијативата на црногорските работодавци поради две основи. Прво, зашто со овој Закон се руши уставното начело на слобода на претприемништво. И во нашиот Устав е регулирано дека слободата на претприемништвото може да се ограничи само во случај на војна, виша сила или на некоја природна непогода. Втората работа на која се повикува Уставниот суд на Црна Гора е еднаквоста на сите граѓани пред законот. И кај нас е нарушен овој основ поради тоа што на едни компании им се дозволува, а на други не им се дозволува да работат во недела. Постојат и други нелогичности како, на пример, ако во исто време сте и сопственик и работник, можете да продавате одредени производи, а друг вид производи не смеете да ги продавате – изјави за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

Според него, има многу причини повторно да се разгледа овој закон на Економско-социјалниот совет.

Има услови одредени дејности да работат во недела. Нелогично е да ѝ се дозволи на една млекарница да откупува млеко во недела, а да не може да го преработува во недела, појаснува Димитров.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, рече дека треба да се зборува за оваа тема на Економско-социјалниот совет, бидејќи не само Црна Гора туку и други земји во Европа веќе ги менуваат правилата.

– Во Европа е практика одредени дејности да можат да работат во недела. Кај нас сѐ уште е на сила Законот за недела неработен ден, но кога не работи во недела, производството го губи капацитетот. Исто така, има одредени места каде што можат да одат луѓето во недела, а не одат поради тоа што не се работи. Така, нашите граѓани од Гевгелија или од другите места што се блиску до грчката граница одат на шопинг во Солун, а другите одат во Косово. Граѓаните нема каде да ги потрошат парите што ги заработуваат во шесте дена од неделата. Затоа се предвидува во недела да работат одредени дејности што им се потребни на граѓаните, но да не се злоупотребува тоа – изјави Дурмиши.

Тој рече дека е проблем ако недела повторно стане работен ден, ќе треба да има повеќе инспектори, кои во моментов се дефицитарни.

– Треба да имаме повеќе вработени инспектори во Државниот инспекторат за труд со цел сопствениците на тие компании што ќе работат во недела да не го злоупотребуваат Законот. Ќе треба оној што ќе работи во недела да има два неработни дена во текот на неделата, односно ако работи во недела, треба во понеделник и во вторник да не работи. Работниците што ќе работат во недела ќе имаат двојна дневница. Кај нас сега строго важи правилото да не се работи во недела, односно да работат само големите трговци. Но, на одредени дејности, на кои според овој Закон не им е дозволено да работат во недела, треба да им се дозволи тоа – додаде министерот.

Според него, од економска гледа точка, државата многу губи со овој Закон.

– Оние компании што ќе работат во недела ќе плаќаат даноци, тоа е приход на државата. Така, ако ги затвориш продавниците и маркетите, луѓето ќе одат во соседните држави и државата ќе загуби многу и по основ на ДДВ – додаде министерот.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија, кој треба да даде зелено светло за промена на Законот за недела неработен ден, велат дека не треба да се чепка веќе утврденото право на непрекинат неделен одмор од најмалку 24 часа за период од седум дена.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ