Не сум помислила дека колеги ми го злоупотребиле печатот

Следната недела пресуда за обвинетата Мери Пешевска во случајот Онкологија

51

На 22 септември судијката Снежана Марковска од Основниот кривичен суд ја закажа пресудата за докторката Мери Пешевска, обвинета во случајот Онкологија, за несоодветното лекување на пациентите од рак. Постапката за неа се одвои бидејќи призна вина на минатото рочиште. Во нејзиниот завршен збор, обвинетата Пешевска, пред Судот рече дека целиот свој живот го посветила на пациентите и дека на Клиниката за онкологија е вработена од 2002 година, а од 2007 година е специјалист онколог.

-Јас сум го дала или оставила корисничкото име и лозинка во амбуланта, а факсимилот на шалтер се со цел пациентите навремено да завршат со терапија и да се вратат дома. Никогаш не сум помислила дека тоа ќе биде злоупотребено од страна на доктори онколози како што било случај сега. Ваквата состојба и пракса била присутна не само на нашата клиниката, туку на целиот комплекс. Досега сме имале почит кон колегите и оттука јас од мојата небрежност и невниманието сум ги ставила своите лични податоци на располагање и истите биле злоупотребени. Сакам да кажам дека од тогаш, а се мрднам од амбуланта, печатот е со мене и се исклучувам од систем и го гасам компјутерот. Мој термин, порано на шалтер закажуваа прегледи, сега исклучиво тоа го правам јас, изјави Пешевска.

Пешевска заедно со поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев, и уште двајца онколози е обвинета за несовесно лекување пациенти.За делото што и се става на товар е предвидена казна затвор до три години.

Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска, во завршениот збор рече дека обвинетата изразила искрено признание и каење и оти во текот на целата постапка има примерно поведение, меѓутоа има и отежнителни околности.

-Тоа се последиците од дејствијата, кај седум пациенти дошло до нарушување на здравјето. Како онколог имала зголемена должност на внимание, како и тоа дека неовластениот пристап и користење на факсимилот се случувало во континуитет. Имајќи ги в предвид сите околности и признание на вина ЈО предлага Судот да ја прогласи за виновна и казни согласно закон, изјави обвинителката.

Бранителот на Пешевска, адвокат Влатко Китановски во завршен збор рече дека таа делеото го сторила од небрежност. -Мора да бидеме искрени и да се запрашаме дали овој доктор треба да биде гледана како криминалец.Тоа што ги споделила со друг доктор своите лични податоци и факсимил немала намера или корист, туку цел да им помогне на пациентите. Тоа што некој ги злоупотребил треба да одговара за тоа, изјави Китановски.

Екс директорот Васев и вработените од Онкологија, Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, на минатото рочиште пред Судот негираа вина.

Обвинението ги товари лекарите за продолжени „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба.

 

ИЗДВОЕНИ