Неодамна, Мирјана Крстева-Масети се врати од Париз, каде што ги изложи делата што ги создаде во текот на својот престој во „Cité internationale des arts“, како македонски претставник на современото сликарство. Поводот за ова интервју со неа за весникот ВЕЧЕР е троен: нејзиниот престој во Париз, манифестацијата „Гевгелија – Град на културата“ и 22 години ликовно творештво
Мирјана Крстева-Масети е родена во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Благоевград, Бугарија, во класата на проф. Борислав Стоев (2001), а магистрирала на ФЛУ – сликарство, во класата на проф. Благоја Маневски (2018). Член е на ДЛУМ од 2010 година, основач и член на Мултимедија центарот од Гевгелија и член на Друштвото на ликовните уметници на Гевгелија. Досега има 29 самостојни изложби и над 60 групни претставувања во земјава и во странство. Меѓу другото, добитник е на наградата на КИЦ за „Мал формат“, на изложбата на ДЛУМ, Фондација „Мазев“, а беше и уметник на годината на „Остен“ во 2023 и во 2015 година. Живее и твори во Гевгелија, а во моментов е директор на Домот на културата во градот на југот од Македонија.
Престојувавте во Париз по втор пат. Имавте своја изложба. Останува ли Париз и натаму престолнина на уметниците и какви мириси, звуци и бои носите овој пат?
„Париз… Париз е џез, нели?… Престојот во ателјето на Р Македонија во Париз, престолнината на уметностите, за мене, најпрво беше привилегија, но и огромна одговорност. Овој пат Париз го доживеав поинаку, веројатно, затоа што сега и јас сум поинаква. Париз е море од искушенија за новите перспективи, урановско влијание што понира во интимата, неочекувани созвучја, волшепства… Оваа приказна за Париз е интензивно пурпурна, топла и смела, обоена со контрасти.
Во меѓувреме, меѓу двата престоја во Градот на Светлината и уметноста, се вработив (по 14 години од моето дипломирање), направив уште многу слики и изложби, засекогаш загубив луѓе што ми беа блиски, магистрирав…
Кој беше Вашиот прв допир со уметноста и како го започнавте патувањето во светот на уметноста?
Првата средба со уметноста… Пораснав во ателјето на татко ми, мислејќи дека каменчињата калафониум за графика се бонбони, а опојниот мирис на боите – магија. Постојано цртав. Од мајка ми ја наследив смислата за убавото. Отсекогаш знаев што сакам да бидам кога ќе пораснам. Мојот нагласен субјективен став кон сè што е земно, индивидуализмот, сензибилитетот и вредносните компоненти на моето семејство не можеа да создадат ништо поинакво од она што сум денес – уметник. „You have to invent life“ – Agnes Varda.
Зошто го заменивте клавирот со четка, зошто сликар, а не пијанист?
Пијаното е моја љубов. Свирам од мојата шеста година. Мојата професорка, Љубица Улишева, е човек што имаше голема улога во оформувањето на мојата личност. Се сеќавам на арабеската од Дебиси, на ноктурното цис мол од Шопен, едно дело од Чајковски што имаше два реда од партитурата кои звучеа како овошна градина. Звукот има боја, мирисот – форма, текстот – вкус… Синестезијата како феномен не бележи дистинкции во однос на визуелниот текст, напротив, илуминира и совршено сјае како спонтана субјективна асоцијација предизвикана од различни осети. Дискурсите на визуелноста од овој аспект потсетуваат на алхемиска лабораторија. Модификацијата на медиумите преку кои ги изразуваме чувствата претставува милиони виножита зашеќерени со искреност. Затоа што не станав пијанист, „сликам“ музика.
Како би се претставиле со неколку збора?
Не ми требаат повеќе, доста ми е само еден збор за да се опишам, тоа е зборот „своја.“
Уметница сте со модерен ликовен израз, кој ѝ припаѓа на апстрактната сфера. Зошто доминира апстрактното и што Ве инспирира најмногу?
Најмногу ме инспирира тишината.
Што доаѓа прво, насловот на сликата или сликата?
Прво е сликата, а потоа насловот. Мене ми е премногу интимно да насловам дело. Од друга страна, мислам дека самиот наслов го насочува реципиентот како да го доживее делото. Затоа, според мене, подобро е да има доза езотерија и во самиот наслов, така оставате простор за размислување кај набљудувачот.
Моите очи се моја најважна алатка во сликањето, има кажано една позната уметница, важи ли тоа и за Вас?
Не би знаела која е најважната алатка во моето сликање. Сликата е неизвесност сè до нејзиниот крај. Најважни се чувствата.
Постои ли врска меѓу начинот на кој ги користите боите и мотивот што сте го замислиле?
Генезата на нештата е секогаш чудна. Креативниот процес е виножито од феномени, психоанализа во боја, акцептирање на сопствената присутност во невозможни универзуми, визуелен израз без репетитивност… Создавањето на делото е чин надвор од времето како димензија, понекогаш мислам дека е идентичен со la petite mort. Територијата на мислите е бескрајна, копнежот ве води кон неименливото.
Кога гледате во празно платно, дали се обидувате да ги пресликате Вашиот живот и Вашето духовно богатство во Вашите слики?
Чинот на создавање на делото ја има својата генеза во осаменоста. Интимата бидува тајно, немарно разголена. Мислата е чиста, сама, единствена, ехо на една страст, на едно карнално задоволство, таа е одговор без прашање, консеквенција без провокација. Понекогаш е еруптивна, понекогаш е шепот. Композициските структури – „мали“ дијалози со егото… Мислам дека станува збор за интуитивен екстрем што раскажува повеќе вистини.
Која порака ја испраќате со Вашите слики и дали постои некоја основна порака во Вашето дело?
Моите дела се исповеди. Исповедта, како чин, е огледална.
Каков е денешниот однос на младите кон ликовната уметност?
Денес младите, оние млади што веќе ја избрале уметноста за своја професија, го поседуваат истиот жар кон неа како и претходните генерации.
Ако би можеле да купите кое било уметничко дело од кој било автор, на некоја лицитација, кое дело би било тоа, од кој уметник?
Би купила дело од Mark Rothko, или од Paul Klee, или од Jean – Michel Basquiat, или од…
Директорка сте на Домот на културата и една од оние што се грижат за културните настани по повод манифестацијата „Гевгелија – Град на културата 2025“. Колку сте задоволна од првите шест месеци, имавме балетска премиера, џез-концерт, ќе има ли слични убави културни настани до крајот на годинава?
Генерално, јас сум задоволна, имавме прекрасни настани. Следете ја програмата, ќе имаме многу фантастични концерти, изложби, балет, театри…
Како изгледа еден ден од Вашиот живот како директорка и како уметник, наоѓате ли баланс меѓу тие две работи?
Уметноста, за мене, е начин на живот, така што и професијата и моменталната функција ги живеам во еден дух.
Оваа година славите 22 години ликовна активност, кога ќе се свртите наназад, задоволни ли сте од она што сте го постигнале и дали подготвувате некоја нова изложба?
Оваа година празнувам 22 години ликовно творештво. Никогаш не сум сосема задоволна од она што сум го постигнала, така е, чинам, со сите уметници. Но, се радувам за новите предизвици, имам идеја, подготвувам нова изложба. (Љ. А.)