Откако Комисијата за заштита на конкуренцијата изрече казна од преку 720.000 евра за компанијата „Фарма Трејд“ и преку 1 милион евра за веледрогеријата „Д-р. Пановски“ во однос на набавка на инсулин во 2016 година, во соопштенијата до медиумите од двете фирми велат дека немало никакво картелско здружување.
Ги отфрлаат обвинувањата како неосновани, правно и фактолошки непрецизни и крајно штетни за угледот и деловното функционирање на компаниите.
– Цените што се понудуваат во рамки на јавните набавки не се слободна комерцијална одлука, туку се строго регулирани и однапред утврдени од страна на надлежните институции – вклучително и Министерството за здравство. Со тоа, секоја инсинуација дека компаниите можат меѓусебно да договараат цени е неоснована и штетна за јавниот интерес – велат од „Фарма Трејд“.
Од „Д-р Пановски“ потенцираат дека е невозможно кои било фармацевтски компании трајно или јавно да договараат цени на лекови.
– Целосно е невозможно кои било фармацевтски компании тајно или јавно да договараат цени на лекови, бидејќи тие се регулирани исклучиво од Министерството за здравство. Тоа значи дека за споменатата јавна набавка АД „Д- Пановски“ понудил цени во висина која претходно ја определиле ресорните надлежни институции – велат од „Д-Р Пановски“.
И од двете компании најавија дека ќе ги обжалат решението и изречените прекршочни санкции пред домашните и меѓународните судови, а ќе ги известат и сите соодветни дипломатски и економски претставништва во земјава за, како што велат „штетните последици што ги предизвикуваат ваквите постапки врз правната сигурност, довербата на инвеститорите и општото деловно опкружување“.