Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и натаму ќе продолжи да администрира со Австралиско-сиднејската епархија на МПЦ-ОА, со која претходно управуваше починатиот митрополит Тимотеј. Ова произлезе од последната синодска седница на која се изврши изборот на новиот дебарско-кичевски митрополит Георгиј како наследник на владиката Тимотеј, но не се отвори прашањето за неговиот наследник на петтиот континент.
–Таа тема за нов владика во Австралиско-сиднејската епархија на седницата не се отвори и немаше расправа околу тоа. Тоа значи дека архиепископот ќе продолжи со администрирањето – ни изјавија изворите во синодските кругови.
Според сознанијата, проблемот со изборот на новиот дебарско-кичевски владика, очигледно, бил поважен отколку кадровското решение во втората австралиска епархија.
Според досегашните неофицијални информации за оваа епархија се споменуваа неколку имиња, но засега нема никаква официјална потврда. Едно од сценаријата е како администратор во Австралија да замине струмичкиот митрополит Наум. Такво било и барањето на македонските иселеници во Австралија на почетокот на годината кога почнаа калкулациите околу кадровските решенија во двете епархии.
– Наш отворен предлог е г. Наум за администратор на местото на г. Тимотеј. Поради подолго време нарушената здравствена состојба, г. Тимотеј не стигна да воспостави практичен ред во согласност со Уставот, според кој ја регистриравме Епархијата за Австралија (Сиднеј), при процесот за надминување на расколот наметнат од Петар. Сметаме дека г. Наум, со своето искуство како најстар по комбиниран владички и монашки стаж меѓу можните кандидати, е најпогоден во овој момент. Особено затоа што се докажал како владика кој знае да воспостави црковен ред во својата епархија со исклучително мирољубив и широкограден пристап. Плус, добро го владее англискиот јазик и има правно образование. Тој е најстар по хиротонија по Стефан и Петар, а го има и викарниот епископ Јаков, кој може да го заменува во Струмичката епархија – изјави неодамна за ВЕЧЕР Игор Аврамовски Александров, раководител на Македонската православна заедница за Австралија со седиште во Сиднеј.
Една од опциите е владиката Наум во Сиднеј да замине како митрополит, а во исто време на тронот на Струмичката епархија како митрополит да биде избран сегашниот викарен епископ Јаков. Во игра била и опцијата да биде испратен епископот Велички Никола, викар на владиката Петар, но прашање е дали тој би бил прифатлив за тамошните верници. Тие се во конфликт со преспанско-пелагонискиот владика Петар, кој администрира со Австралиско-новозеландската епархија. Во комбинаториките се споменува и името на архимандритот Гаврил Галев, игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк, Мелбурн (Викторија) – Австралија, кој веќе речиси 18 години служи во Австралија.
Неофицијално дознаваме дека за наесен годинава е планирана посета на архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, на двете македонски епархии во Австралија. Тоа значи дека конечното кадровски решение би можело да се очекува во тој период.
Австралиско-сиднејската епархија настана пред дванаесет години со поделба на дотогаш единствената Австралиско-новозеланска епархија администрирана од владиката Петар. Тогаш, дванаесет црковни општини останаа под јурисдикција на владиката преспанско-пелагониски Петар, а исто толку црковни општини – 12 кои не го признавале неговиот легитимитет и беа во повеќегодишен судски спор околу црковните имоти добија нов администратор во ликот на владиката Тимотеј. (Б.Ѓ.)