Средба на која ќе добијат објаснување дали се осомничени сите полицајци што спроведувале рација во дискотеката „Пулс“ на 16 март, побараа семејствата на жртвите од Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, каде што сè уште се води истрагата за полициското постапување. Апелот го испратија на последниот собир „Марш на ангелите“ од пред зградата на Обвинителството во Кочани. Една од мајките го прочита законот, како требало да постапат полицајците ако навистина правеле рација за спречување дрога кај малолетници во нелегалното кабаре.
– Тогаш требало да ја изгаснат музиката и да ги запалат светлата, да се направи контрола на ситуацијата, заради поголема видливост, кој каде се движи, дали, можеби, некој фрла нешто заради уништување докази. Светлото им помага на полицајците да видат кој од присутните е малолетен, да го легитимираат. Но, што вистински се случило, дали била стопирана музиката, дали било запалено светлото, воспоставиле ли присутните полицајци коридор по избувнувањето на пожарот за безбедно напуштање на објектот. Не. Уште повеќе, тие не ги пуштиле нашите деца да излезат, кога ја отвориле вратата, први трчале да се спасат – обвини една од мајките на собирот за неселективна правда, кој се одржува секоја сабота, во Кочани.
Со свирежи и извици на прекор, семејствата од пред полициската станица порачаа дека не се плашат и повикаа на поголема масовност од своите сограѓани. Родителите обвинија дека биле заплашувани млади деца, кои требало да сведочат, од некои луѓе.
– Треба да го преплавиме градот. Од што се плашите? Не плашете се! Смртта не е страшна. Страшен е овој живот што го живееме сега, ни отидоа дечињата. Прашајте нè како живееме. Треба да се плашите за иднината на вашите деца – рече татко што го загуби синот единец во пожарот.
Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, на прес-конференција на 13 јуни кажа дека е поднесено обвинение за пожарот во Кочани, со кое се опфатени 34 физички и три правни лица. Тие се гонат за тешки дела против општата сигурност. Меѓу обвинетите се сопственици на локали, управители, инспектори, градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници. Поради немање доволно докази, постапката беше запрена за вкупно 11 лица, помеѓу кои двајца поранешни министри. Истражна постапка се води и против 13-мина полицајци поврзани со случајот. Првично со истрагата беа опфатени 47 физички и 3 правни лица. Поради немање доволно докази, за 11 лица постапката се запира, еден од осомничените во меѓувреме почина, а за еден постапката е во прекин поради неговата здравствена состојба. Според Коцевски, доколку се обезбедат докази во иднина, постапката може да продолжи за оние за кои е запрена, а не се исклучува можноста да бидат опфатени и други лица со истрагата. (П. А.)
.