Изминатите неколку дена беше доста тензично во редовите на грчкиот кошаркарски гигант, екипата на Панатинаикос. Во еден момент, се чинеше дека тоа ќе заврши со оставка на тренерот Ергин Атаман, откако сопственикот на клубот јавно порача дека е редно Турчинот да си замине. Но, очигледно се случи пресвртница на ситуацијата.
Имено, Панатинаикос го победи Реал Мадрид во драматичен меч (82:81), а Атаман излезе на прес-конференцијата повеќе од среќен, подготвен да го направи она што никој друг во Европа не би се осмелил – да му одговори на сопственикот на Панатинаикос и да му објасни зошто нема да се предаде.
- Во текот на последните два дена, новинари од Турција и некои од Грција ми се јавија да ме прашаат зошто не реагирав на објавата на г. Јанакопулос на „Инстаграм“. Едноставно е. Тој е ист како мене… Тој напаѓа, исто како што јас ги напаѓам моите играчи на прес-конференции. Не ме нападна мене, ги нападна сите и тоа е нормално. Тој е сопственик. Има трпение, сака да победува, се труди многу, инвестира пари и има право да го прави тоа. Секој има свој стил. Многупати бев агресивен кон моите играчи, сега тој е таков кон сите нас. Така наоѓам мотивација. Нашите играчи малку се збунија затоа што се млади. Имавме состанок и им кажав дека сите бараат нешто дополнително, но тоа не е потребно. Фокусирајте се на следниот натпревар. Кога ја освоивме европската титула, никој не го очекуваше тоа. Одевме чекор по чекор. Мора да се бориме во секој натпревар, нагласи Турчинот.
Очигледно, Атаман очекува победата над Реал Мадрид да биде пресвртница во сезоната, и од овој момент па натаму сè да биде подобро, за да може ПАО повторно да биде еден од фаворитите за освојување на Евролигата.
- Имам голема почит кон г. Јанакопулос, не му одговорив и сакам да му се заблагодарам затоа што ни даде дополнителна мотивација, особено мене. Некои новинари продолжуваат да нè напаѓаат. Ја знам причината, но не сакам да ја објаснувам. Сепак, ја знам причината многу добро, рече Атаман и заклучи: „Ние сме само луѓе. Не се чувствував добро по таа објава, па затоа во иднина нема да бидам агресивен кон нив во медиумите“.











