Закаснила 10 минути и преживеала: Неверојатна судбина на жена од Индија

454
EPA-EFE/SIDDHARAJ SOLANKI

Буми Чаухан од индискиот град Баруч требало да лета со летот AI 171 на Ер Индија до Лондон, каде што живее со својот сопруг. Сепак, десетминутно доцнење поради сообраќајниот метеж во Ахмедабад буквално ѝ го спаси животот.

Летот AI 171 се урна само неколку секунди по полетувањето од меѓународниот аеродром Сардар Валабхаи Пател, околу 13:30 часот по локално време. Од 242 лица во авионот, само еден патник преживеал. Ова е една од најлошите авионски несреќи во поновата индиска историја.

„Тукушто го напуштав аеродромот кога дознав дека авионот се урнал. Почнав да се тресам. Нозете ми се тресеа. Бев во шок“, изјави Буми за медиумите.

Буми била во Индија на одмор. Таа планирала да се врати во Лондон, но поради густиот сообраќај, на аеродромот пристигнала десет минути подоцна. Летот беше закажан да полета во 13:10 часот, а качувањето беше завршено во 12:10 часот. „Пристигнав во 12:20 часот. Отидов до портата за качување и молев да ми биде дозволено да се качам на летот. Реков дека веднаш ќе ги завршам сите формалности, но не ме пуштија“, рече таа.

„Кога ми беше одбиено качувањето, бев многу вознемирена. Се упатував кон излезот од аеродромот и тогаш слушнав дека авионот се урнал. Моето Ганпати (хиндуистичко божество) ме спаси“, додаде Буми.

Нејзината мајка изјавила дека Буми требало да патува сама во Лондон, додека детето останало кај неа. „Благодарни сме на Бога што ја заштити мојата ќерка. Таа остана жива поради тоа дете што го остави дома. Со Божја милост, таа се врати дома“, рече таа.

ИЗДВОЕНИ