„Не правете го тоа во мојот автомобил“ е најновата збирка раскази од Емил Крстески во издание на „Или-или“ (едиција ПРОАЗА), која деновиве го привлече вниманието на читателите, кои на вчерашната промоција, која се одржа во Скопје, и лично можеа да се уверат во атрактивниот и уникатен раскажувачки стил на авторот.

„Волшебникот нема да се врати“, „Таа очекува да ме види“, „Осаменоста на работ од третата скала“, „Втор кат, стан број девет“… се интригантните наслови на дел од расказите во оваа втора по ред збирка на Емил Крстески.

По читањето на актерката Калина Наумовска на извадок од последниот расказ насловен „Зошто пишуваш такви раскази?“, а во кој дијалогот се води меѓу маж и жена која го поставува прашањето, самиот автор на истото прашање од актерката одговори: „Пишувам такви раскази затоа што отсекогаш сум ги сакал расказите, бидејќи тоа е една специфична форма на изразување во литературата, една уметничка форма во литературата што бара многу концизност, прецизност, збиеност. Меѓутоа, тие раскази што ги пишувам никогаш не сакам да ги вреднувам на некој посебен начин или да зборувам за нив, бидејќи авторите, генерално, не сакаат да зборуваат за своите дела. Тоа им го оставаат на критичарите и на публиката, бидејќи тие се најмеродавни. Затоа не би сакал многу да објаснувам зошто пишувам такви раскази. Тие се исполнети со односи меѓу луѓето, зборуваат за обични нешта, меѓутоа на необичен начин, но мораат да бидат заокружени со многу емоции, со уметност, омраза, љубов, болка, радост. Со сето она што нè опкружува во нашето секојдневие“. Тој додаде дека сето тоа може да се најде во расказите, меѓутоа во еден различен облик.

Писателот Александар Прокопиев, кој ги претстави расказите на промоцијата, посочи дека насловите се откачени, но и оригинални.

– Расказот „Не правете го тоа во мојот автомобил“ е, всушност, замерка на еден лондонски таксист за однесувањето на двојка што се гали на задното седиште, иако има стаклена преграда меѓу нив. А, тоа веднаш ме потсети на американскиот писател и поет Рејмонд Карвер: „За што да зборуваме ако не муабетиме за љубовта?“. Емил, пишувајќи ги овие раскази, го прави сето тоа природно и колку и да имаат тие некогаш и мрачна гама, го прави тоа топло. Вакви раскажувачи, кои едноставно го гледаат светот низ себе, не штедејќи на своите чувства, на своето двоумење, но со еден еротски поглед на човек на светот, ни недостигаат. Крстевски е македонски автор и многу значаен раскажувач, но тој е од оној тип македонски раскажувачи чие животно, читателско и емотивно искуство е искуство на светски човек, вели Прокопиев.

Во поговорот кон оваа збирка, писателката Оливера Ќорвезироска, пак, меѓу другото, истакнува: „За какви раскази, всушност, станува збор? За лични, сочни, јадри, отворени, полнокрвни и жуборливи, напати дури и скокотливи и смели, сугестивни, кокетно и хедонистички раскажани и во јас-форма и во сезнајно трето лице; автофикциски прошетки низ сопствениот, но и низ туѓите животи; стварносни вдомени во фикцијата, но и фикциски вдомени во стварноста; документаристичко-патописни со недвосмислена прозна амбиција наспроти лежерноста на нарацијата и дневничкиот тон.“

Насловната корица на книгата е фрагмент од сликата на Крстески.

Инаку, Емил Крстески е политиколог, прозаист и сликар, доктор по политички науки. Досега има објавено шест книги од областа на меѓународните односи и две збирки раскази: „Три дена во Париз“, ( промовирана во Нови Сад, Шибеник и во Прага). Има реализирано и три самостојни, а учествувал и на две групни изложби. Тој беше државен советник во Кабинетот на претседателот на Собранието, директор на Државниот архив и наш вонреден и ополномоштен амбасадор во Чешката Република. (Д. Т.)  Фото: Ѕ.Плавевски

ИЗДВОЕНИ