„Не можев да одам, сакав да ја завршам кариерата“

349
EPA/YANNIS KOLESIDIS

Грчкиот тенисер Стефанос Циципас, моментално рангиран на 36. место на АТП ранг-листата, откри дека сериозно размислувал да ја заврши кариерата поради силни болки во грбот.

Тој вели дека бил особено потресен од поразот во второто коло на Отвореното првенство на САД од Германецот Даниел Алтмаер.

– Откако загубив во второто коло на Отвореното првенство на САД од Германецот Даниел Алтмаер, бев многу исплашен. Не можев да одам два дена, а потоа почнав да размислувам што можам да очекувам во остатокот од кариерата. Се прашував дали ќе можам повеќе да играм без болки – рече Циципас во Перт, каде што ќе се натпреварува со Марија Сакари, на Јунајтед купот.

Oткако беше елиминиран во второто коло на Отвореното првенство на САД, Циципас одигра само уште два натпревари, и двата во Дејвис купот. Тој истакна дека се консултирал со неколкумина лекари и дека е задоволен од третманот, кој му овозможил да тренира во последните пет недели без болки во грбот.

– Моја најголема победа во 2026 година ќе биде тоа што повеќе нема да морам да се грижам дали ќе ги завршам натпреварите. Охрабрувачки е што тренинзите за новата сезона поминаа без болки и се надевам дека ќе остане така. Важно е што верувам дека можам да се вратам на позициите на кои бев и ќе направам сè што можам за да го постигнам тоа – рече Циципас, некогаш трет во светот и финалист на Ролан Гарос во 2021 и на Австралија опен во 2023 година.

Циципас, кој беше трет играч во светот, на крајот од јули 2025 година ја прекина соработката со Горан Иванишевиќ, само по два месеци откако го ангажираше како тренер.

Уште на почетокот од соработката, Горан беше исклучително критичен за физичката подготвеност и за пристапот на грчкиот тенисер.

– Тој сака, но не прави ништо. Не гледам напредок. Бев шокиран, никогаш во животот не сум видел понеподготвен играч. Три пати сум поподготвен од него со ова колено. Ова е навистина лошо – изјави Иванишевиќ за „Спорт клуб“. во тоа време.

Одговорот на грчкиот тенисер беше:

– Многу е тешко да имаш околу себе диктатори и луѓе што зборуваат негативно, кои не се чувствуваш блиски како семејство. Можноста да изградам семејство со луѓе што не само што ќе работат со мене во тенискиот дел туку ќе ми бидат и пријатели по кариерата, е нешто што навистина сакам да го изградам.

ИЗДВОЕНИ