Прославениот НБА-кошаркар, Шакил О’Нил, зборуваше за проблемот со легалните и со нелегалните супстанции што ги земал во текот на својата долга кариера. Тој никогаш не падна на тест за дрога, никогаш не беше суспендиран за забранети супстанции во текот на своите 19 години во НБА.

Го сметаат за еден од најдобрите и најдоминантни центри во спортската историја. Тој еднаш зборуваше во „Inside the NBA“, на Олимписките игри во 1996 година, за тоа како бил позитивен на кокаин. Објасни дека јадел штрудла од афион пред тестот и знаел дека тоа може да покаже морфиум или кодеин, но не и кокаин, кој се открива преку главниот метаболит – бензилекгонин.

Сега, кога се појави во поткастот „Armchair Expert With Dax Shepard“, тој откри некои шокантни работи.

Тој вели дека користел лекови против болки, опијати како оксикодон (окси) и моќни нестероидни антиинфламаторни лекови како индоцин, супстанција што не е дозволена, бидејќи го прикрива чувството на болка и може да ги влоши повредите.

Кога му кажал докторот дека е зависен од лекови против болки, се развила жестока расправија, а тој се бранел велејќи дека ќе земе три апчиња наместо едно и дека нема да почувствува никаква разлика. Тој тврди дека 19 години користел апчиња по секој оброк.

– Понекогаш не можев да играм ако не ги земав апчињата, тие ја маскираа болката. Затоа имав проблеми со бубрезите. Лекарите ми рекоа да бидам внимателен. Затоа, откако ја завршив кариерата, моите бубрези уживаат. Не би сакал повторно да ги „запалам“ – рече Шак во документарец на „Showtime“ од 2022 година.

Лековите што ги користел во текот на кариерата имаат големо влијание врз црниот дроб и врз бубрезите, и тој не сака да каже повеќе за тоа што користел.

– Морав да ги земам тие апчиња. Дали значи тоа дека сум зависен?

Тренерите секогаш знаеја што ќе користи и уште во 2000 година, кога беше МВП и шампион во НБА со Лејкерс, изразија загриженост за опасностите од антиинфламаторните лекови.

О’Нил сметаше дека заболувањето на бубрезите што го загрозуваше животот на неговиот колега од НБА, Алонзо Морнинг, може да биде резултат на употребата на антиинфламаторни лекови и рече дека ќе престане да ги зема. Сепак, две години подоцна, тој повторно почна да користи НСАИЛ (нестероидни антиинфламаторни лекови). По проблемите со стомакот, за кои првично мислеше дека се чиреви, беа извршени дијагностички анализи на неговите бубрези и црн дроб.

– Не сум одличен, но сум добар – рече Шек.

Тој играше со артритичен палец на ногата, со истегнување на зглобот и со низа непријавени испакнатини и модринки. Му требаа апчиња, иако не беше јасно дали се тоа лекови против болки, антиинфламаторни лекови или двете.

Коментарите на О’Нил на поткастот на Шеферд се јасен показател дека неговото употребување лекови против болки и нестероидни антиинфламаторни лекови продолжува да го мачи. Тој додаде дека денес се опушта со друга навика – со наргиле.

– Никогаш не сум бил заинтересиран за марихуана. Наргилето ми овозможува да си ја следам рутината, да седнам и да се одморам.

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ