Италијанскиот синџир супермаркети „Coop“ објави дека ја прекинува продажбата на израелски производи во знак на солидарност со палестинскиот народ погоден од војната и гладот во Појасот Газа.
Како што е наведено во соопштението, објавено денес од Ројтерс, оваа одлука претставува прв ваков потег од страна на голем италијански малопродажен синџир, а израелските производи како што се кикирики, таан и уреди од брендот SodaStream ќе бидат отстранети од полиците.
Во знак на дополнителна поддршка за жителите на Газа, каде што израелската војска спроведува операции против Хамас како одговор на нападот извршен на 7 октомври 2023 година, „Coop“ започна со продажба на газираниот пијалок „Газа Кола“, што симболизира пропалестински став, се вели во соопштението.
„Не можеме да останеме рамнодушни кон континуираното насилство во Појасот Газа и повикуваме на итен прекин на воените операции“, се вели во соопштението на компанијата.
Војната во Газа предизвика бран протести меѓу трговците на мало и потрошувачите ширум светот, а британскиот малопродажен синџир „Co-op Group“, кој не е поврзан со италијанската мрежа „Coop“, објави дека го запира снабдувањето со производи од Израел и уште 16 земји кои ги обвинува за кршење на човековите права и меѓународното право.
Израел цврсто ги отфрли сите обвинувања за воени злосторства и кршење на меѓународното право во Газа и окупираниот Западен Брег.